АВИОКОМПАНИЈАТА „ЈУНАЈТЕД“ ПЛАНИРА ДА ГИ ВРАТИ СУПЕРСОНИЧНИТЕ ЛЕТОВИ СО НОВИОТ АВИОН „ОВЕРТУР“

    АВИОКОМПАНИЈАТА „ЈУНАЈТЕД“ ПЛАНИРА ДА ГИ ВРАТИ СУПЕРСОНИЧНИТЕ ЛЕТОВИ СО НОВИОТ АВИОН „ОВЕРТУР“Дигитален приказ на новиот авион „овертур“, што го произведува компанијата „Бум“ од Денвер

    Американската авиокомпанија „Јунајтед“ планира да купи 15 нови суперсонични авиони и да ги врати суперсоничните брзини во авиопревозот до 2029 година. Ваков тип на летање заврши во 2003 година кога „Ер Франс“ и „Бритиш ервејс“ ги повлекоа авионите „конкорд“.

    Новиот авион „овертур“ ќе биде произведен од компанијата „Бум“ од Денвер, која допрва треба да ги спроведе првите пробни летови.

    Суперсоничен лет е кога авион патува побрзо од брзината на звукот. На висина од 18.300 метри тоа значи летање со брзина поголема од 1.060 километри на час. Типичен патнички авион може да лета со 900 км/час, додека „овертур“ се очекува да постигне брзина од 1.805 километри на час. Со таа брзина, прекуокеанските патувања од Њујорк до Лондон би се скратиле за пола.

    „Конкорд“, кој почна да се користи за патнички превоз во 1976 година, беше уште побрз авион, со максимална брзина од 2.180 км/час.

    Суперсоничниот превоз создава две големи грижи: бучава и загадување. Од „Бум“ велат дека „овертур“ нема да биде побучен од останатите модерни авиони.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира