Невообичаен инцидент се случи во саботата на прашкиот аеродром „Вацлав Хавел“, кога авион на компанијата „Смартвингс“, веќе подготвен за полетување, се врати назад на позицијата за паркирање за да земе група хостеси од стриптиз клубот „Хот пеперс“, поради што летот доцнеше повеќе од еден час. Случајот настанал поради пропуст на вработените во ВИП-салонот на аеродромот, објавија чешките медиуми.
Авионот на „Смартвингс“ требало да лета за хрватскиот град Сплит и според сведоштвата на патниците веќе тргнал кон полетување, кога одеднаш се вратил назад. На терминалот останале осум хостеси од прашкиот клуб придружувани од менаџер и менаџерка, кои патувале кон Хрватска за снимање промотивно видео за настан со јахти. Една од патничките се пожали дека поради оваа ситуација летот непотребно доцнел повеќе од еден час, додека друг патник кажа дека жените носеле маици со натпис „Хот пеперс“.
Менаџерката на клубот, Никол Хофман Весела, соопшти дека работничките не се виновни за враќањето на леталото, велејќи дека нивната регистрација и превозот до авионот биле под надлежност на службата за ВИП-сервис која работи во рамките на прашкиот аеродром. Таа додаде дека повеќепати се распрашувале кога треба да се упатат кон авионот и добивале одговор дека има доволно време, но службата ги превезла дури по предвиденото време за полетување, по што персоналот на клубот им се извинил на останатите патници за доцнењето.
Грешката на ВИП-салонот ја потврди и портпаролката на „Смартвингс“, Владимира Дуфкова, која објасни дека авионот се вратил поради погрешна информација што службата за летање ја добила од вработен во аеродромскиот салон. Претставникот на аеродромот, Јиржи Ханих, призна дека дошло до застој во капацитетите и организацијата, поради што превозот на овие патници не бил навремен, што создало и недоразбирање во комуникацијата со авиокомпанијата.



