АВСТРАЛИЈА И НОВ ЗЕЛАНД СЕ НАЈСИГУРНИТЕ ЗЕМЈИ ВО СЛУЧАЈ НА ГЛОБАЛНА КАТАСТРОФА, НО НИКОЈ НЕМА ДА ОСТАНЕ НЕПОГОДЕН

    АВСТРАЛИЈА И НОВ ЗЕЛАНД СЕ НАЈСИГУРНИТЕ ЗЕМЈИ ВО СЛУЧАЈ НА ГЛОБАЛНА КАТАСТРОФА, НО НИКОЈ НЕМА ДА ОСТАНЕ НЕПОГОДЕНДвете се изолирани, демократски островски држави со потенцијал за голема независност во производството на храна, енергијата, транспортот и комуникациите. (Фото: Еј-Би-Си)

    Австралија би можела да биде едно од најбезбедните места на Земјата доколку се случи глобална катастрофа, благодарение на географската изолација, самоодржливоста и политичката стабилност, покажува ново истражување објавено во списанието „Глобал челинџис“. Научниците сепак предупредуваат дека ниедна земја нема да помине без последици, а отпорноста ќе зависи подеднакво од локалните заедници колку и од државните граници.

    Како глобален катастрофален ризик се дефинира секој настан што загрозува најмалку десет проценти од човечките животи. Овие закани опфаќаат сценарија од нуклеарна зима и удари од астероиди, па сè до технолошки пропасти, а главно се поделени во три категории: ненадејно намалување на сончевата светлина, катастрофално уништување на инфраструктурата или глобални биолошки закани.

    Мет Бојд, коавтор на истражувањето и извршен директор на хуманитарната организација Острови за иднината на човештвото од Нов Зеланд, вели дека ваквите состојби не претставуваат научна фантастика, бидејќи ерупциите на големи вулкани во минатото веќе предизвикувале масовен глад и падови на цели општествени системи, па неизбежно е повторно да се случат. Според него, иако пандемијата на ковид не спаѓа во категоријата глобален катастрофален ризик според овие критериуми, таа ги надмина капацитетите на целиот свет.

    Нов Зеланд и Австралија се рангирани меѓу најбезбедните земји во светот при повеќе кризни сценарија. Двете се изолирани, демократски островски држави со потенцијал за голема независност во производството на храна, енергијата, транспортот и комуникациите. Сепак, клучен заклучок на истражувањето насловено „Нема каде да се скриеш“ е дека густо населените метрополи се исклучително ранливи. Вулканска пепел или нуклеарни честички што ја блокираат светлината можат целосно да го нарушат снабдувањето со храна, сајбер нападите можат да ја парализираат инфраструктурата од која зависат градовите, а биолошките закани многу побрзо се шират на места со висока концентрација на жители.

    Бојд објаснува дека големата густина на население бара непрекинат дотек на вода, електрична енергија и храна, па поради меѓусебната зависност на системите, падот на еден елемент повлекува колапс на сите други. Затоа, помалите средини и регионалните заедници можат многу полесно да се прилагодат при криза.

    Преселбата на дел од населението надвор од големите урбани центри веќе беше забележана за време на здравствената криза, кога Кејт Солис од Канбера се пресели во долината Бега во Нов Јужен Велс. Таа заедница од околу 40.000 жители опфаќа десетина помали места, а Солис вели дека искуството покажува оти општествено поповрзаните заедници полесно закрепнуваат по трагедии, иако тој регион претходно беше силно погоден од катастрофалните летни пожари и последователните економски поскапувања.

    Солис и Мет Витакер работат преку локалната организација „Бега Вели Дата Колектив3, која собира податоци преку анкети за следење на благосостојбата на населението и поддршка на локалните одлуки. Витакер смета дека проценката на отпорноста на Австралија мора да ги зема предвид спецификите на секоја локална средина одделно, изразувајќи резерва околу тоа колку се научени поуките од пожарите од 2019 и 2020 година, со оглед на тоа што луѓето честопати забораваат на опасностите додека тие повторно не настапат.

    Зборувајќи за начините на одговор при глобални катастрофи, Бојд насочува кон улогата на институциите и на граѓаните во планирањето на иднината. Тој предлага воведување парламентарен комесар за катастрофални ризици и формирање граѓански собири во локалните региони со цел да се подготват мерки за кризи. Според авторите на истражувањето, подготвеноста на општествата зависи од рамнотежата меѓу ефикасноста и отпорноста, при што наместо исклучив фокус на профитот, неопходно е зајакнување на сигурноста и издржливоста на виталните системи заради заштита на идните генерации.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира