Ликот на британскиот крал Чарлс Трети нема да биде на новата банкнота од пет австралиски долари, објави националната банка на Австралија (РБА).
„Новиот дизајн ќе им оддаде почит на културата и историјата на домородните Австралијци“, кажаа од РБА.
Портрет на покојната Елизабета Втора се наоѓа на сегашниот дизајн на банкнотата од пет долари. Нејзината смрт минатата година ги обнови дебатите за иднината на Австралија како уставна монархија.
„РБА ја донесе одлуката во консултација со австралиската влада, која ја поддржува оваа промена. Банката ќе ги консултира и Првите Австралијци за дизајнот на банкнотата. Ќе бидат потребни неколку години за нејзино дизајнирање и печатење“, соопшти банката.
Одлуката беше поздравена од абориџинските политичари и локалните лидери. Според последните проценки, домородните народи живееле во Австралија 65.000 години пред доаѓањето на британските колонизатори.