Битолски композитор Петар Георгиев-Калица, кој ја напиша антологиската песна „Ако одам во Битола“ и многу други бесмртни хитови и серенади, испадна од трката за Наградата за животно дело „4 Ноември“. Тоа е највисокото општинско признание што се доделува по повод Денот на ослободувањето на градот. Комисијата за доделување на наградата, каде мнозинството го имаа советниците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, на два дена пред избори одлучи наградата да му ја даде на фолклористот, етнолог и лингвист Трајко Огненовски.
„Жално е што во составот на Комисијата конечниот збор го имаат луѓе кои по политичка линија влегле во локалниот Совет и си дале за право да одлучуваат за работи од областа на културата. Творештвото е специфична работа и оценка можат да дадат само квалификувани лица“, рече Кaлица.
Тој вели дека го почитува професорот Огненовски и тоа што напишал голем број научни трудови. Но, смета дека оваа награда не се доделува за постигнат квантум, туку за дело кое ќе остави траен белег во постоењето на градот.
Претседателката на Комисијата, Силвана Ангелевска, која беше и претседател на Советот во претходниот состав вели дека тие не биле иницијатори да се избираат наградените пред избори, но од правната служба на општината им рекле дека доколку дојде до втор круг ќе нема време да се додели наградата.
„Ги испочитувавме сите процедури, на комисијата присуствуваа советници и од други партии, имаше гласање и Трајко Огненовски доби најмногу гласови. Ако на некого пречи, новата локална власт може да ја поништи одлуката“, рече таа.
Трајко Огненовски, годинешниот добитник на наградата има објавено голем број научни трудови од областа на македонската книжевна и културна историја, фолклористиката, етнологијата и лингвистиката. Тој е татко на актерот Сашо Огненовски, кој во периодот на на ВМРО-ДПМНЕ беше еден од директорите на Битолскиот театар.
Како настана „Ако одам во Битола“?
Битола е најопеаниот град на Балканот, но битолчани се согласуваат дека само две песни можат да се насловат како химни на градот. Првата е „Битола мој роден крај“ од сега покојниот песнописец Ајри Демировски, а со неа по својата бесмртност единствено може да се спореди само хитот „Ако одам во Битола“.
„Имав голема желба да напишам песна за градските живот кој низ годините исчезнуваше. Сакав тоа да биде своевиден спомен за пајтоните, мераците, старите чаршии кои исчезнаа од лицето на градот. Во 1988 година, песната се роди одненадеж. Седејќи дома зедов лист хартија и ја напишав за неполни пет минути. Истовремено потекоа и текстот и музиката. Паметам, дека првата верзија ја снимивме дома кај текстописецот Валентин Соклевски. Ја исвиривме на детски синтисајзер и гитара, а ја снимивме на едно мало касетофонче“, раскажува Калица.
Откако се роди овој битолски хит поминаа 29 години, но тој не само што не падна во заборав, туку доживеа над дваесетина нови изведби. Се пее на секаде низ светот каде што има Македонци. Ја препеа и легендарната македонска поп икона, Тоше Проески во рамки на албумот „Божилак“.
„Тоше додека беше жив ми кажа дека сака да ја препее, се видовме во Битола и разговаравме. Ми остави телефонски број. Вечерта се собравме со пријателите да прославиме за тоа што ете тој ќе ја пее мојата песна. Му се јавив на телефон и му реков ‘слушни сега како звучи оригиналната верзија’ и му ја испеавме со друштвото. Не дослуша до крај, ни рече ‘Господ здравје да ви даде’“, вели Калица.
Ж. ЗДРАВКОВСКА