БИТОЛЧАНЕЦ СОБРА 500 АВТОГРАМИ, ОД КРАЛОТ КАРАЃОРЃЕВИК ДО КИРК ДАГЛАС 

    БИТОЛЧАНЕЦ СОБРА 500 АВТОГРАМИ, ОД КРАЛОТ КАРАЃОРЃЕВИК ДО КИРК ДАГЛАС Во колекцијата на битолчанецот Филип Етмишовски има и потписи кои потешко се наоѓаат зашто им припаѓале на значајни државници кои денес се починати, а успеал да ги обезбеди од историски и други институти (Фото: СДК.МК)

    Младиот битолски колекционер Филип Етмишовски за десет години успеа да собере безмалку 500 автограми од познати личности ширум светот. Во колекцијата има и потписи кои потешко се наоѓаат зашто им припаѓале на значајни државници кои денес се починати, а успеал да ги обезбеди од историски и други институти. Меѓу нив се автограмите на кои Филип е посебно горд, и тоа стари документи со потписи на кралот Александар Први Караѓорѓевиќ (убиен во Марсеј 1934), кнезот Павле, регент од Кралството на Југославија, Драгиша Цветковиќ потписник на Спогодбата Цветковиќ-Мачек и пристапот на Југославија кон Тројниот пакт, последниот претседател на СССР Михаил Горбачов, таткото на Интернетот Винт Церф, последниот Далај Лама и други.

    Во својата колекција ги собрал автограмите на рускиот претседател Владимир Путин, премиерот Димитриј Медведев, генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун, поранешната американска државна срекретарка Медлин Олбрајт, експретседателите на Франција Франсоа Оланд и на Германија Јоаким Гаук, на Македонија Бранко Црвенковски. Своерачни потписи му испратиле Симеон Сакскобурготски, последниот цар на Бугарија, Фарах Пахлави, последна кралица на Иран, Ханс Адам Втори, монарх на Лихтенштајн и други личности со „сина“ крв. Има автограми од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, Камила, војвотката од Корнвол, сопруга на англискиот престолонаследник Чарлс.

    Ако во минатото доминантно собирав автограми од претседатели и премиери, сега ги собирам само потписите од лидери кои оставиле трага на времето со своите политики, дејствување и влијание, вели Етмишовски (Фото: СДК.МК)

    „Пополека, но сигурно се движам до јубилејните 500 автограми. Во изминатиов период воведов повисоки критериуми за тоа од која личност сакам потпис. Историското значење, кариерата, но и пазарната вредност влијаат на изборот. На пример, ако во минатото доминантно собирав автограми од претседатели и премиери, сега ги собирам само потписите од лидери кои оставиле трага на времето со своите политики, дејствување и влијание. Освен лидерите тука се и кралските личности“, вели Етмишовски.

    Желба му е да добие автограми од поранешниот претседател на Зимбабве Робер Мугабе, Константин Втори, последниот крал на Грција, првата жена во космосот Валентина Терешкова, како и од битолчанката и сопруга на Енвер Хоџа, Наџмије Хоџа.

    Етмишовски почнал да собира автограми пред 10 години (Фото: СДК.МК)

    „Би го издвоил и Винт Церф компјутерски научник со светска слава. Тој се смета за татко на Интернетот, а меѓу останатото го створил првиот интернет пребарувач. Со него разменуваме емаилови во кои тој се распрашуваше за свои роднини во нашата земја“, додава собирачот на автограми.

    Примамливи му се ѕвездите од златното доба на Холивуд и оние од диско ерата. Од забавниот дел ги издвојува потписите на Тина Тарнер, „Дип парпл“, „АББА“, Франко Неро, Пласидо Доминго, а Кирк Даглас потпис му испратил на 102 години.

    „Она што е интересно е добивањето на потписот на познатиот актер Кирк Даглас. Оваа голема ѕвезда на Холивуд е родена во 1917 година, а автограм ми прати на почетокот на мај годинава на свои 102 години. Имајќи ги во предвид годините стравував во меѓувреме да не почине, но тој ми врати автограм во рок од 20 дена“, додава битолчанецот.

    Автограмите некогаш ги добива по пошта, а некогаш по е-пошта. Очекува наскоро да му пристигнат автограмите од филмските ѕвезди Клинт Иствуд, Ален Делон, Џина Лолобриџида и Џони Деп. Но, и од пејачките Селин Дион, Оливија Њутн Џон, сопругата на Џон Ленон Јоко Оно и други.

    Активно соработува со колекционери од сите страни на светот од Србија до САД, од Аргентина до Пакистан. На шега вели дека не стекнал колеги и пријатели само од Антарктикот. Оваа година прославува 10-годишен јубилеј од, како што вели, наивните детски почетоци во 2009 и планира да направи изложба на својата колекција.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира