Битолчанецот Зоран Ѓоргиев трага по заборавеното еврејско наследство на Битола. Не се работи за богатство, туку за евидентирање на куќи и дуќани кои во минатото биле еврејски, а останале до денес да го красат ликот на градот. Досега препознал дваесетина, а потрагата продолжува. Целта е да изработи монографија или документарен филм за недвижното еврејско наследство, заедно со семејните приказни на битолските Евреи од кои по депортацијата не останаа потомци во градот. Тоа се најчесто велелепни објекти, но малку се знае за нивното минато, па не можат да се искористат за туристичка промоција на Битола.
„Ги откривам една по една благодарение на списокот кој во 1946 година бил направен од еврејски службеник што ја преживеал Втората светска војна, и ги запишал адресите на живеалиштата на некогашните Евреи во Битола. Сакам да ја прикажам Битола како голем трезор каде се зачувани богатства од конзулските времиња, од градската Битола. Ќе изработам и мобилна апликација за сето тоа да биде достапно на дланка“, вели Зоран Ѓорѓиев.
Иницијативата започна со откривањето на семејната куќа на предците на американската ладино пејачка Сара Ароести која е една од поубавите на Широк Сокак, каде денес е сместена регионалната канцеларија на синдикатот.
„Во 1920-те години, семејството Ароести заедно со фамилијата Нахмијас живееле во таа куќа. Ароести се преселиле во САД, додека Нахмијас останале да живеат таму. Преживеале благодарение на албанскиот конзул, на кого окупаторите во Втората светска војна му ја дале куќата, па тој на Нахмијас им дал една соба. Потоа, ги префрлил во Албанија и преживеале благодарение на неговата итрина. По војната фамилијата Нахмијас водела судска постапка за враќање на куќата, но биле одбиени“, вели Ѓоргиев.
Тој е голем вљубеник во Битола, па на интернет блог „Бабам Битола“ објавува текстови за нејзиното минато. На листата со еврејски куќи е и некогашниот дом на забарот Елдад де Мендоза, една од највпечатливите во центрот на градот, сè уште нереставрирана.
„На почетокот на 20. век било престиж да се има куќа на агол од улица како што имал забарот Мендоза. Бил дипломиран стоматолог, истакнат заболекар, заедно со семејството биле депортирани во логор. Куќата на Мендоза ден денес е на истото место како некогаш кога го красеше центарот на стара Битола со грациозност, големина и убавина. Осамена чека подобри времиња кога ќе го врати заслужениот сјај“, вели Ѓоргиев.
Потоа, куќата на Шимон Аруести, кој за време на холокаустот со помош на фурнаџијата Телемко се префрлил во Албанија, а кога се вратил во 1948 година го продал имотот и заминал. Наполеоните, поточно жолтиците, ги ставил во печен леб за да не му ги фатат на границата. Меѓу тие кои останале во Битола и ја дочекале својата трагична судбина бил богатиот трговец Челебон Франко. Тој заедно со брат му Јосеф имале една од најголемите текстилни продавници за штофови и свила во Безистенот и старата битолска чаршија. Кога ги депортирале, дуќаните им ги ограбил фашистичкиот окупатор.
„Сето ова го започнувам со мои финансии и ресурси, имам отворено Crowd Fund проект на Индигого, каде најлесно може да се донира од секаде на светот за да го оставрам овој мој сон. Се надевам ќе добијам поддршка и од други битолски и македонски здруженија и институции, кои ја гледаат важноста на овој мој проект што го започнувам како прв од ваков тип после 75 години од депортацијата на нашите сограѓани, битолските Евреи“, вели Ѓоргиев.
Ж. ЗДРАВКОВСКА