БИТОЛЧАНКАТА ИРЕНА АНГЕЛОВСКА, ДОКТОРАНТКА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО ОКЛЕНД, ПОТТИКНА МУЗИЧАРИ ОД ЦЕЛ СВЕТ ДА JA ПЕАТ „БИТОЛА, МОЈ РОДЕН КРАЈ“

    БИТОЛЧАНКАТА ИРЕНА АНГЕЛОВСКА, ДОКТОРАНТКА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО ОКЛЕНД, ПОТТИКНА МУЗИЧАРИ ОД ЦЕЛ СВЕТ ДА JA ПЕАТ „БИТОЛА, МОЈ РОДЕН КРАЈ“„Верувам дека на многу Македонци ќе им биде драго да слушнат како луѓе од други култури толку добро ја пеат ‘Битола, мој роден крај’“, вели Ирена

    Прекрасно звучи познатата песна „Битола, мој роден крај“ од Ајри Демировски во изведба на уметници од цел свет, учесници во проектот „Transglobal Weekend of Music” (Трансглобален музички викенд), кој од 13 до 15 мај се одржа во Нов Зеланд. Музичарите беа поттикнати од битолчанката Ирена Ангеловска, докторантка на Универзитетот во Окленд.

    „Таа песна ми е особено драга и има значајно место во мојата душа, но ја избрав и поради тоа што е напишана во ритамот 7/8, за кој верував дека ќе биде предизвик за учесниците поради својата карактеристична структура. Дополнителен предизвик беше изговорот на некои букви од македонската азбука кои или не се употребуваат или се изговараат на поинаков начин во англискиот јазик. Ја споделив приказната на ‘Битола, мој роден крај’ и беше очигледно дека учесниците се поврзаа со неа“, вели Ирена.

    Некои учесници пееја и свиреа хармонски гласови покрај главната мелодија, што покажува дека добро да ја совладале песната и се почувствувале слободни да го збогатат нејзиниот звук.

    „Верувам дека на многу Македонци ќе им биде драго да слушнат како луѓе од други култури ја пеат толку добро ‘Битола, мој роден крај’“, се радува Ирена.

    Целта на проектот беше поврзување на музичари од различни култури преку презентирање музика и учество во музички работилници. Ангеловска моментално спроведува истражување од областа на музичкото образование и културната разновидност.

    „Овој настан беше можност да ја учам музиката од Соломонските Острови, Иран, Велс, Гана, Ирска, Шкотска, Шведска, пацифичкиот остров Ротума, Монголија и Нов Зеланд, што понатаму ќе можам да ја употребувам во мојата работа, но и можност да ја презентирам македонската музика рамо до рамо со нив. Слушнавме и свиревме на уникатни музички инструменти и имавме извонредна можност да музицираме и пееме на јазици чиј изговор нè натера да излеземе од нашата комфорна зона“, додава битолчанката.

    Целиот настан бил збогатен со храна од Судан, Малезија и Авганистан, приготвена од жени кои дошле во Нов Зеланд како бегалки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира