Ирена Ружин, иницијатор на проектите за пристапност во Завод и музеј Битола, е меѓу тројцата агенти за промени од Балканот за кои комуникологот Аида Миа Алиќ пишува во својот магистерски труд одбранет на универзитетот во Брајтон, Велика Британија.
Д-р Ирена Ружин е македонски претставник во Балканската група за пристапност на музеите и неколку години раководи со проектите за поголема пристапност на Завод и музеј Битола. Организираше тактилни изложби за лицата со оштетен вид да можат да ги запознаат најважните експонати од Музејот, аудионарации за глуви лица и видеа со знаковен јазик и автор е на тактилната публикација за Хераклеја со текст на Брајово писмо, од која беше избран и награден најдобриот тактилен постер на Балканот. Организираше и работилници со штитеници од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор од Битола. Овој концепт за пристапност е пресликан и во работата на Археолошкиот музеј во Скопје.
„Пред неколку години запознав една дама во инвалидска количка пред Музејот во Битола. Го чекаше остатокот од групата. Ја прашав: ‘Може ли да помогнам?‘ и ми рече: ‘Не, има многу скали тука, ќе почекам‘. Тоа беше многу тажно за мене. Во тој момент, почнав да размислувам за попреченоста и лицата со инвалидитет. Пред неколку години, Балканската музејска мрежа објави повик за професионалци во музеите. И така почнаа проектите за влез на лицата со инвалидитет во Музејот, што стана наша мисија”, вели Ружин во научниот труд.
Останатите двајца агенти за промени во културата се Лејла Аџиќ од Градски музеј Зеница (БиХ) и Милена Милошевиќ-Митиќ од Музејот во Књажевац (Србија). Во трудот пишува дека овие три мали музеи направија големи дела за пристапноста на културното наследство до сите категории на граѓани.
Ж. ЗДРАВКОВСКА