Новинарот и публицист Данило Коцевски, кого скопјани веќе со децении го знаат како легенда на Скопје, ја промовираше најновата книга со токму таков наслов „Скопски легенди“. Во неа се собрани текстовите за мистериите, тајните и животот во некогашно Скопје кои беа објавувани последниве седум години во дневниот весник „Вест“.
Хроничарот на Скопје Коцевски, вели дека со книгата сакал да ги зачува од заборав случките, куќите, боемите, дамите, иновациите и духот на градот кои се живи во спомените на скопјани. Иако времето за кое пишува одамна е минато, Коцевски вели дека некогашно Скопје сѐ уште живее.
„Бев фасциниран кога открив дека е жива ќерката на Никола Поповиќ, еден од браќата Поповиќ кои пред војната во Скопје го отвориле првото автобуско претпријатие. Ја најдов Вера Поповиќ и таа ми раскажа сѐ за нејзиниот татко и за новитетите кои ги донеле во градот. Ова покажува дека спомените нѐ одржуваат во живот па затоа сметам дека старо Скопје сѐ уште живее, ќе живее сѐ додека се пренесуваат спомените“, рече Коцевски.
Тој за гостите на промоцијата имаше изненадување. Во живо, првпат ја раскажа скопската легенда која му оставила најголем впечаток, а ја нема во книгата, ниту пак е некаде објавена. Ја чувал за да ја раскаже на промоцијата.
„Зборуваме за боемскиот живот во Скопје и ми вели мене Драган Јовановиќ – Гајо дека имал интересна случка како млад виолинист. Музицирале со друштвото во Езерце во парк, тогаш беше кафеана, кога на вратата се појавил еден од боемите, не му го знаел ни името. Висок, крупен, застанал пред него и му рекол – излези надвор. Тој се зачудил што бара надвор, но послушал. Кога излегов, ми вели, надвор провејуваше снег, кога тој сосе капут влезе во водата во езерото до колена. Мене ми рече да застанам на мостот и да му ја свирам ’Свилен конец’, ми вели Гајо. Така застанатат во водата побарал да му го викнат и келнерот. Кога се појавил со крпчето преку рака му рекол – те молам донеси ми еден шприцер, ама ладен“, рече Коцевски.
На промоцијата беше и Гајо па Коцевски откако ја раскажа легендата му се обрати.
„Отсвири ми ја сега и мене ’Свилен конец’ и замисли си дека сега јас сум до пола во езерото. Не можев да ја одберам таа локација за промоцијата поради горештината, но може да си замислиме дека сум во водата“, рече Коцевски.
Изненадување имаше и за него. Скопските бадникари му доделија плакета – бадников лист направен од дабово дрво во знак на благодарност за неговите бадникарски здравици.
Професорката Љубинка Басотова, претставувајќи ја книгата во која има текст посветен и на нејзиното семејство, рече дека „Скопски легенди“ на сите кои ќе ја прочитаат ќе им ги исполни срцата со топла носталгија, а професорката Наташа Аврамовска пак, нарекувајќи го осамениот талкач со шапка, книгата ја претстави како мозаик кој оди напред-назад во времето. Аврамовска посочи дека властите треба да го искористат творештвото на Коцевски и да ги заштитат деловите од градот кои сѐ уште постојат за да станат дел од колективната меморија. Таков е првиот дуќан во Чаршијата кој постои и денес, но никој не знае за неговата историја.
Коцевски на промоцијата посебно се заблагодари на Горан Михајловски, кој беше главен и одговорен уредник на „Вест“ во времето кога излегуваа скопските легенди.
„Се договоривме со Горан Михајловски да напишеме десетина легенди, да видиме како ќе оди, немавме претстава на каков прием ќе наидеме, но испаднаа стотина. Наидоа на голем интерес кај публиката, што ми беше особено драго. Скопските легенди се заслуга на сите кои ме поддржуваа, на сите кои ми раскажуваа, на сите кои ме фасцинираа со своите животи, а беа скриени“, рече Коцевски.