Последниот џамбо џет „747“ денеска ќе ја напушти фабриката во американската сојузна држава Вашингтон, со што „Боинг“ ќе се прости од својот легендарен авион, кој го револуционаризираше авионскиот превоз и ги поврза светските градови со директни линии како никогаш порано.
Почнувајќи од 1969, „747“ служеше како товарен и комерцијален авион способен да превезува речиси 500 патници, како претседателски авион Ер форс уан, а НАСА со него транспортираше спејс шатлови. Но, во изминатите 15 години, европскиот ривал „Ербас“ воведе попрофитабилни и поштедливи авиони со два мотора, наспроти четирите на „747“.
Се очекува голем број луѓе денеска да го испратат првото полетување на последниот изграден „747“, кој е 1.574-ти по ред.
„Ако го сакате овој бизнис, сигурно сте се плашеле од овој момент. Никој веќе не ги сака авионите со четири мотори, но тоа не ги брише огромниот придонес на овој авион кон развојот на индустријата и неговото неверојатно наследство“, вели аналитичарот на авијација Ричард Абулафија.
„Боинг“ решил да го создаде „747“ откако му пропаднал договор за голем воен транспортен авион. Биле потребни 50.000 работници и 16 месеци за да се изгради првиот „747“, долг 68,5 метри и висок како шесткатна зграда. Првиот лет го имал на релацијата Њујорк-Лондон во 1970 и потоа стана познат како „кралица на небото“.
Последниот примерок ќе оди кај товарниот превозник „Атлас ер“, кој го нарачал лани.