Младиот британски јутјубер Ричард Хејвард, креатор на каналот „SideQuestMerchant“, од јуни оваа година официјално го замени дождовниот Лондон со животот во Скопје. Неговата мисија, како што вели, е преку авантуристички и често екстремни видеа да го покаже огромниот и, според него, често превиден потенцијал на Македонија. Неговата приказна започнува во 2020 година, кога како 17-годишник, заедно со својот најдобар пријател, одлучил да побегне од строгите ковид-рестрикции во Велика Британија. Единствените две опции во тој момент биле Албанија и Македонија.
„Со мојот најдобар пријател одлучивме да дојдеме во Македонија бидејќи не знаевме многу за неа. Останавме шест недели и сфатив дека ова е највозбудливата земја во која сум бил, со толку многу работи што се случуваат. Исто така, сите зборуваа одличен англиски, па лесно се интегриравме и стекнавме многу пријатели уште во 2020 година“, раскажува Ричард за своите почетоци.
Од тој момент, тој ја посетил земјава дури 14 пати. По завршувањето на универзитетот во Англија, каде што студирал руски, украински и унгарски јазик, одлучил дека е вистинско време да се посвети на својата јутјуб-кариера, а Македонија била логичниот избор за негова база.
Неговото прво искуство со македонското гостопримство било несекојдневно и длабоко му се врежало во сеќавањето. Првата ноќ кога пристигнал во Скопје, околу 3 часот наутро, во целиот град снемало струја. Тој и неговиот пријател останале заклучени надвор од сместувањето на Водно, бидејќи вратата се отворала со електричен код. Помош побарале од девојка што ја сретнале на улица како го шета своето куче.
„Таа ни даде ‘хотспот’ за да им пишеме на родителите дека сме безбедни. Но, кога се вративме, сфативме дека не можеме да влеземе. Повторно ги побаравме истите луѓе и тие, три 17-годишни девојки кои живеја заедно, нѐ примија во својот дом. Тоа беше лудо, гостопримството беше нешто што не можете да го видите во Велика Британија. Првата ноќ во Скопје, три Македонки нѐ примија за да не бидеме бездомници. Тоа беше добар знак од првиот ден“, се присетува тој.
Содржината што ја создава Ричард е далеку од типична. Неговите видеа се фокусираат на екстремни авантури низ целата земја. Едно од последните е 22-часовно патување преку Охридското Езеро, од Охрид до Радожда, на гума за пливање, змеј на надувување. Неговиот следен голем проект е да плови по целата должина на реката Вардар, од Гостивар до Грција, на сплав што самиот го изградил. Авантурата, предвидува тој, ќе трае четири дена и четири ноќи.
„Откако пловев по Вардар низ Скопје, коментарите беа дека сум радиоактивен. Но, не мислам дека реката е толку лоша. Дури поминав и 24 часа на еден од оние мали острови на средината на реката“, вели тој.
Меѓу другите подвизи се и седум дена поминати под земја во пештера во Гостиварско, без воопшто да види сончева светлина.
Во моментов, дури 96% од неговата публика е од Македонија, а целта му е прво да се пробие на локалниот пазар, а потоа и на Балканот. Вели дека едно од неговите последни видеа го виделе 200.000 луѓе, што, според неговата проценка, е речиси секој трет човек под 30 години во земјава.
„Со моите видеа сакам да покажам што сѐ се случува во Македонија и да поттикнам повеќе туризам. Основав и компанија тука, ‘SQM Media’, која веќе вработува осум луѓе од Македонија, од асистенти до сниматели и монтажери. Мојата асистентка, на пример, има задача да ми најде пештера кога ќе ѝ се јавам со таква идеја“, додава Ричард.
Во иднина, тој планира да инвестира во заедницата преку еколошки акции, инспириран од светски познати јутјубери како Мистер Бист.
„Сакам да организирам ‘Тим Вардар’, акција во која сите заедно ќе ја чистиме реката и ќе придонесеме позитивно за животната средина тука“, вели тој.
Иако не го зборува течно македонскиот јазик, познавањето на словенските јазици му помага да разбира многу, а наскоро го очекува и првиот официјален час по македонски. Најголемиот предизвик во работата, вели тој, е наоѓањето реквизити за видеата.
„’Амазон’ во Велика Британија е одличен сервис. Тука е многу тешко да се набават работи и често одам низ цело Скопје за да најдам нешто. Затоа, мојот официјален апел е: ‘Амазон’, ве молам дојдете во Македонија“, вели низ смеа Ричард.
А. МИХАЈЛОВСКА