Во наодите од инспекцијата на Министерството за култура, кои донесоа до смена на директорката на Македонската филхармонија (МФ) Маја Чанаќевиќ, меѓу повеќето неправилности е наведено дека за свеченоста на отворањето на новата сала за Филхармонијата на 21 мај годинава, таа поделила дури 636 гратиси (од вкупно 960 билети). Со ова Чанаќевиќ го надминала дозволениот максимум за делење гратиси кој е утврден со Одлука на Управнот одбор.
Во соопштението од Министерството се вели дека нема ниту евиденција на кого се поделени бесплатните карти за концертот на Симон Трпчески и маестро Владимир Ашкенази, за кои Чанаќевиќ тврдеше дека слободно се продаваат по цена од 2.500 и 3.000 денари.
Тогаш, САКАМДАКАЖАМ.МК напиша дека ВМРО-ДПМНЕ го киднапираше историското отворање на салата на Филхармонија, за партиска журка. На отворањето дојде највисокиот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ, а не беа поканети претседателот на Собранието Талат Џафери, ниту пак мандатарот за Влада Зоран Заев. Тогашната техничка министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска во ТВ пренос пред концертот ладно рече дека „пред месец дена биле картите во слободна продажба“, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на влегување во фоајето исто така рече дека си купил карта.
ВМРО-ДПМНЕ И ГРУЕВСКИ ГО КИДНАПИРАА ИСТОРИСКОТО ОТВАРАЊЕ НА НОВАТА ФИЛХАРМОНИЈА ЗА ПАРТИСКА ЖУРКА
Ден пред отворањето на салата, Чанаќевиќ му даде плакета за особен придонес во културата и уметноста од вработените на МФ на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, кога тој со тогашната техничката министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, дојде во дневна посета на објектот.
Чанаќевиќ тогаш не одговори зошто државната институција му доделува плакета на партиски лидер, зошто таа како носител на јавна функција го прима на смотра партискиот лидер, како и зошто решила свеченоста за отварањето да биде партиска прослава на опозиционата партија, со оглед дека не беа поканети ниту вториот човек во државата – претседателот на Собранието Талат Џафери, ниту пак мандатарот за Влада Зоран Заев.
САКАМДАКАЖАМ.МК тогаш ја праша Чанаќевиќ и зошто, ако е од историско значење отворањето на оваа сала, сегашното раководство на институцијата прифаќа да биде партиски обоено и да биде во служба на партиски лидер и техничка министерка кои се осомничени за криминал во случаите на Специјалното јавно обвинителство. Но директорката не одговори.
Сегашниот в.д. Виктор Илиески, како претседател на независниот синдикат на културата и како музичар во Филхармонијата, тогаш на својот фејсбук профил напиша дека отворањето на салата е посебен ден за институцијата која 73 години ја чека оваа концертна сала. Но, за информацијата дека вработените доделиле плакета на лидер на партија, тој рече дека „во работната недела што измина никој од уметниците од Македонската филхармонија немаше конкретни разговори со со кој било политичар, пратеник или технички министер, уште помалку некој функционер јавно се се обрати пред целиот ансамбл во текот на пробите за отворањето на нашиот нов дом“.
Салата свечено се отвори на 21 мај, без технички преглед, со среден ентериер само во главното фоаје, и две гримиорни. Музичарите коментираа дека најсоодветно ќе беше отворањето на објектот да биде со отворањето на новата сезона, на крајот на септмври или почетокот на октомври, но очигледно беше дека на партискиот врв на ВМРО ДПМНЕ му се брзаше, зашто веќе на 31 мај беше изгласана новата Влада.
Отворањето на концертната сала го чекаше целата јавност, а особено љубителите на класичната музика тие денови бурно реагираа на социјалните мрежи. Некој дека не можеа да дојдат до карта, а други дека колку и да ги сакаат Трпчески и Ашкенази, едноставно не можат да се погазат и да одат да уживаат во настанот во тоа друштво што ги доби гратисите.