Четиригодишно момче случајно скршило сад стар 3.500 години при посета на музеј во Израел. Музејот „Хехт“ во Хаифа соопшти дека садот потекнувал од Бронзената доба и бил редок артефакт зашто бил целосно зачуван.
Садот бил изложен на влезот во музејот и не бил заштитен со стакло, зашто музејот смета дека „има посебен шарм кога археолошките наоди се прикажуваат без пречки“.
Таткото изјави дека неговиот син малку го повлекол садот зашто го интересирало што има внатре, по што тој паднал.
„Бев во шок кога го видов син ми покрај скршениот сад и во прв момент не мислев дека тој го направил тоа“, кажа таткото Алекс.
Од музејот кажаа дека не била повикана полиција зашто кршењето било случајно.
„Ќе се обидеме да го поправиме садот и да го вратиме на своето место“, соопшти музејот.