Четиринаесетгодишна руска манекенка, која работела прекувремено без лекарско осигурување, починала од сепса и инфекција на нервниот систем во Шангај, соопштија руските власти.
Конзулот Андреј Куликов изјави за агенцијата „РИА новости“ дека на Влада Ѕјуба ѝ откажале органите како последица на таквата состојба, откако во прв момент се чинело дека е во прашање менингитис.
Мајката на Влада, Оксана Ѕјуба, изјави за каналот НТВ дека нејзината ќерка ѝ се пожалила дека работи премногу часови.
„Кога ми се јави, ми кажа дека е многу уморна, дека работи 13 часа дневно и дека нема време за спиење. Ми се чини дека тогаш почнала да се разболува“, изјави Оксана.
Кинеската модна агенција „ЕСЕ“ соопшти дека Влада почнала со снимањето за нив на 24 октомври и дека работела од осум до 17 часот. Истата вечер, таа почнала да повраќа и беше одведена во болница во Шангај, каде што починала наредниот ден.
Влада, која работела како модел од 12-годишна возраст, го прекинала школувањето заради ангажмани во Кина, каде што ја плаќале само 6,30 фунти дневно. Таа неодамна настапила и на престижната модна недела во Шангај.
„Во Кина се фокусирани само на правење пари, не се води грижа за здравјето на моделите. Пекол е да отидеш да работиш во Кина на таа возраст, зашто телото уште не е подготвено“, изјави манекенката Хелга Гелфрик.