Во данскиот град Лунд, на 50 километри јужно од Копенхаген, група на врвни челисти отсвиреа два концерта за крави и нивните фармери. Станува збор за соработка на две локални фарми, „Могенс“ и „Луис Хогард“ со Џејкоб Шо, основач на Скандинавско школо за виолончело. Со концертите тие сакале да привлечат внимание на школото и на младите музичари.
Тие изведоа дело од Чајковски, но наместо „браво“ добија потврдно „му“. Според реакцијата на животните, се покажа колку оваа инцијатива, која носи културен живот во рурални места, може да биде популарна.
Триесет и двегодишниот Шо, кој е роден во Британија, до пред само неколку години патувал низ светот како соло челист, настапувајќи и во сали како Карнеги хол. Кога се преселил во Стевнс, до Лунд, и го отворил школото, открил дека најблиските соседи, Хогард, се големи вљубеници во класична музика.
Кога музичарот му кажал на фармерот за искуството во Јапонија, како се одгледуваат говеда за да дадат квалитетно месо, не му требало многу убедување за и тој да го примени тоа.
Од ноември 2020, тој им го пуштал Моцарт и други класични музичари, еднаш дневно на кравите, а еднаш неделно, Шо им свирел во живо со некој од учениците. Иако сѐ уште не е познато дали тоа има некакво влијание врз квалитетот на месото, фармерот забележал дека животните, кога и да свиреле музичарите, се доближувале едни до други.
„Класичната музика е одлична за луѓето. Ни помага да се релаксираме, а кравите знаат да проценат дали сме релаксирани или не. Така, и тие се чувствуваат добро“, вели Хогард.