„На човека му е дадено да дарува, пред сѐ себеси. Тоа е единствен начин да раснеме, да го заслужиме нашето постоење“, рече бизнисменот, филантроп и поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски на одбележувањето на 20 годишнината од основањето на Фондацијата „Трифун Костовски“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Фондацијата има поддржано над 100 научно- уметнички проекти во МАНУ.
Костовски пред членовите на семејството, претставници на дипломатскиот кор, универзитетски професори, академици кажа дека изминативе 20 години биле години од големо значење за него и неговото семејство, години кои значеле движење по нивните најважни постулати: одговорност и создавање на вредни заедници.
„Нема доволно можности за да се постигне сѐ во еден животен век, има многу искушенија. Затоа на сите мои соборци во создавањето на подобар свет им порачувам оти е нужно создавање на филантропска култура “, рече Костовски.
Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, кој е и претседател на Управниот одбор на Фондацијата, ја промовираше книгата издадена од Академијата :„20 години Фондација ’Трифун Костовски’“, со поднаслов „За филантропството на семејството Костовски“.
Говорејќи за Костовски како маркантна личност, академик Фити ѝ се заблагодари на Фондацијата за мисијата за помагање во зачувување на културата, културното наследство и современата уметност, како и за охрабрувањето и давањето поддршка на сите оние кои имаат талент во сите области на општетството.
Во знак на благодарност, академик Фити му врачи на Костовски мозаик насловен „Четири елементи“, изработен од академик Газанфер Бајрам, како и 2 книги од академик Божидар Видоески, „Дијалектите во македонскиот јазик“, кои му ги врачи Марјан Марковиќ, раководител на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика во МАНУ.
Свеченоста почна и заврши со настапите на младите музичари: виолинистот Бојан Илиоски и пијанистот Дино Имери.
Б. НЕСТОРОСКА