ДЕНОВИТЕ НА ЧЕШКА КУЛТУРА ЗА ПРВПАТ ВО СКОПЈЕ СО СТРИП, МУЗИКА, ХРАНА И ПИВО

    ДЕНОВИТЕ НА ЧЕШКА КУЛТУРА ЗА ПРВПАТ ВО СКОПЈЕ СО СТРИП, МУЗИКА, ХРАНА И ПИВО„Ова ќе биде добра можност за Македонците да ја вкусат кујната која доаѓа од поинакви корени. Имаме исти продукти како вашите но поинаков стил. Мислам дека ќе биде добра можност да се дегустира, секако во комбинација со најдобрите чешки пива“, вели чешкиот амбасадор Мирослав Томан (Фото: СДК.МК)

    Гастрономија, пива, музика, стрип и филмови се во фокусот на на Деновите на чешката култура во Скопје, што ќе се одржуваат од денеска до 2 јуни, кои за првпат ги организира Амбасадата на Чешка во Македонија. Чешкиот амбасадор Мирослав Томан вели дека покрај поддршката за Северна Макеоднија во НАТО и ЕУ интеграциите, економијата и граничната полиција, одлучиле дека сакаат да претстават и дел од чешката култура.

    Неделата на чешка кујна почнува деенска во ресторанот „Пелистер“, каде ќе има мени со чешки рецепти, за што специјално се дојдени двајца готвачи од Чешка.

    „Ова ќе биде добра можност за Македонците да ја вкусат кујната која доаѓа од поинакви корени. Нашата кујна се базира на градинарски продукти, и е слична на овдешната кујна. Нашата е под големо влијание на Австрија и Унгарија, и би рекол дека освен пивото, сите ги знаат сосовите и полнетите тестении, а на менито ќе има и зелка, свинско, патки и риба. Исти продукти како вашите но поинаков стил. Мислам дека ќе биде добра можност да се дегустира, секако во комбинација со најдобрите чешки пива ‘бадвајзер’ и ‘козел’“, вели амбасадорот Томан.

    Чешкиот амбасадор Томан вели дека покрај поддршката за Северна Макеоднија во НАТО и ЕУ интеграциите, економијата и граничната полиција, одлучиле дека сакаат да претстават и дел од чешката култура (Фото: СДК.МК)

    Томан вели дека со цел да ја раскажат приказната за чешкиот стрип кој моментално поминува низ својата „златна доба“ и неговиот тек по 100 години независност на Чешка (или Чехословачка), како нераздвоен дел од чешкиот културен пејзаж, ќе биде организирана изложба на чешкиот стрип на 29 мај во 18 часот во ЕУ Инфо центар. Во 19 часот, по отворањето на изложбата, во ЕУ Инфо центар ќе биде прикажан филмот „Доста се четири убиства, драга“ во кој што анимираните сцени се дело на чешкиот уметник на стрипот или „кралот на чешкиот стрип“ Каја Саудек.

    За на 31 мај во 22 часот во клубот „Вудсток“ е најавен концертот на Владивојна ла Чија, млада чешка пејачка, текстописец, композитор и уметник.

    Годинава амбасадорот Томан е почесен претседател на Дипломатскиот добротворен базар кој ќе се одржи на 1 јуни во 11 часот во ГТЦ.

    „Целта на овој добротворен базар, во организација на Македонскиот велком центар ‘Добредојде’ е да се соберат финансиски средства и да им се дадат на оние луѓе на кои им се најпотребни, односно децата. Оваа година ќе учествуваат повеќе од 20 амбасади и почесни конзулати. Средствата ќе бидат донирани во хуманитарни цели исто како и средствата од слики на децата кои цртаа под надзор на уметникот Бурхан Ахмети. Најдобрите сликани дела од децата и од уметникот Ахмети исто така ќе се продаваат на Дипломатскиот добротворен концерт во Македонската филхармонија. Ова го организира нашата амбасада во соработка со невладината организација АДИ. Базарот ќе биде надополнет со музиката на чешката пејачка Владивојна ла Чија и за најмалите ќе има проекција на чешкиот анимиран филм за деца ‘Збиднувањата на мравката Ферди’“, вели амбасадорот Томан.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира