Лажните вести што се објавуваат во САД на големо се следат и споделуваат од десничарски ориентирани корисници на социјалните мрежи, заклучи студија спроведена од универзитетот Оксфорд.
Истражувачите од проектот ги проучувале изворите на лажните вести, што се ширеа три месеци во пресрет на првото обраќање на Доналд Трамп за состојбата на нацијата.
Тие утврдиле дека на Фејсбук, екстремно десничарските конзервативци споделиле повеќе лажни вести од сите други политички групи заедно, додека на Твитер, токму приврзаниците на Трамп најмногу следеле лажни вести.
Истражувањето следеше 13.500 политички активни корисници на Твитер и 48.000 јавни страници на Фејсбук, испитувајќи ги сајтовите чии линкови споделувале. Притоа се дошло до заклучок дека постои „ограничено поклопување“ на изворите на вестите споделувани од демократите и републиканците, што укажува на голема политичка поделба во САД.
Тие предупредуваат дека алгоритмите на социјалните мрежи денес се користат за ширење на поларизирачки политички содржини и дезоинформации, што прави поделба во јавниот живот и ги прави луѓето отворени за политичка пропаганда.