Еден од најбогатите луѓе на светот Џеф Безос и неговата свршеница Лорен Санчез пристигнаа во Венеција вчера во пресрет на три дена раскошни забави во градот, со кои ќе ја прослават својата венчавка, и покрај протестите на локалните жители.
Се очекува околу 90 приватни авиони да слетаат на локалните аеродроми оваа недела, носејќи познати личности од светот на филмот, шоу бизнисот и финансискиот сектор. Многу детали се чуваат во тајност, а се проценува дека „свадбата на векот“ ќе чини меѓу 40 и 48 милиони евра.
Двојката вчера била забележана во луксузниот хотел „Аман Венис“. Прославите почнуваат вечерва со собир на отворено во рамките на средновековната црква „Мадона дел‘Орто“ во централното подрачје Канареџо, познато по ноќниот живот, изјави еден добро запознат извор за „Ројтерс“.
Градските власти издадоа наредба да се загради просторот за да нема контакт помеѓу гостите и активистите, кои протестираат со денови против свадбата. Гувернерот на регионот Венето, Лука Ѕаја, кажа дека 61-годишниот основач на „Амазон“ и Санчез (55) донирале три милиони евра за три локални установи.
Датумот и местото на венчавката сѐ уште не се познати, но главната забава ќе се одржи в сабота во историското место Арсенал во источниот дел на градот. Некои шпекулираат дека Безос и Санчез веќе се венчале на приватна церемонија во САД.
Организаторите резервирале најмалку 30 водени таксија и пет од најлуксузните хотели во градот, каде што ќе се сместат околу 250 гости. Меѓу нив ќе бидат и ќерката на Доналд Трамп, Иванка со сопругот Џаред Кушнер.