ДОДЕКА ВРСНИЦИТЕ ВОДЕА ЉУБОВ ВО ПАРКОТ, ТАА ТРЧАШЕ – ПОЛА ВЕК НЕСРУШЕНИ РЕКОРДИТЕ НА БИТОЛСКАТА ГАЗЕЛА ВЕРА ВЕЛЈАНОВСКА

    ДОДЕКА ВРСНИЦИТЕ ВОДЕА ЉУБОВ ВО ПАРКОТ, ТАА ТРЧАШЕ – ПОЛА ВЕК НЕСРУШЕНИ РЕКОРДИТЕ НА БИТОЛСКАТА ГАЗЕЛА ВЕРА ВЕЛЈАНОВСКАРекордите што Велјановска ги постигнала во трчање на кратки патеки пред неколку децении и натаму не можат да се надминат (Фото: СДК.МК)

    „Обрнете внимание децата помалку да бидат на компјутер и мобилни телефони! Наместо тоа, да ја користат убавината на природата. Во близина на Битола е Пелистер, во градот има паркови, можат да шетаат, да се рекреираат“, рече најголемата битолска атлетска легенда Вера Велјановска, која на 15 септември им ги додели медалите и пехарите на победниците на првата градска трка „Трчај бе“.

    Таа денес има над 60 години и е во пензија, но рекордите што ги постигнала во трчање на кратки патеки и натаму не можат да се надминат: 7,3 секунди на 60 метри во сала во Букурешт, 7,5 секунди на 60 метри во сала во Сплит, 11,6 секунди на 100 метри на отворено во Букурешт, 24 секунди на 200 метри на отворено во Софија. Вера ги бранела боите и на Македонија и и на Југославија и има освоено 70 златни, 15 сребрени и три бронзени медали, една златна и две сребрени плакети, многу пехари, награди и признанија.

    Велјановска вели дека цел живот мисијата ѝ била да ги тера децата што повеќе да спортуваат (Фото: СДК.МК)

    „Како млада одев на училиште и тренирав. Станував во шест часот за да појадувам, одев на улилиште, се враќав, учев и во 15.30 часот бев во битолскиот парк. Тој беше резервиран за мене, и на дожд и на снег, дали студело или било жешко, немаше не можам или не одам. Тоа беше мојот живот. Дома се враќав околу 19 часот, ќе довршев домашно и во 22 часот бев в кревет. Строг режим, откажување од многу работи. Во ‘Битолски весник’ напишаа: ‘Додека нејзините врснички водат љубов по парковите, битолската газела трча’“, се присети Велјановска.

    Работниот век го помина како наставничка по физичко воспитување. Мисијата ѝ беше да ги натера децата што повеќе да спортуваат. Вели дека ги преземала и празните часови на останатите колеги, па се случувало да има по неколку класови на еден час и организирала натпревари.

    „Веќе две години сум во пензија, последните години интересот за спорт страшно опадна. Деформитети кај децата, неправилно конзумирање храна, навикнати само на сокови, сува храна и грицки“, додава таа.

    Светло во тунелот, според неа, беше првата трка „Трчај бе“, што се одржа на 15 септември во организација на истоименото здружение, а на која учествуваа над 700 натпреварувачи, меѓу кои голем број битолчани.

    „Ова треба да биде пример за понатаму. Младите да се подготвуваат цела година за да настапат на трката која се планира да се одржува традиционално. Нека трчаат. Јас сега трчам по внуците, се чувствувам витално и здраво. Тоа е благодетот од здравиот живот“, вели Велјановска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира