Андон Стојанов Тошев, познат како Дончо Штипјанчето, починал на 15 април 1931, а неговата восочна фигура е една од најпосетените во Музејот на револуционерната борба во Штип, отворен во 2014. Таму се наоѓаат и неговиот кантар и самарот од коњот, во чии товари со ориз пренесувал бомби од Штип за Битола. На ѕидот стои писменото објаснување дека Дончо Штипјанчето бил првиот курир на Гоце Делчев, кој бил учител во Штип од 1894 до 1896.
„Дончо Штипјанчето, опеан во народните песни, претставува симбол на македонскиот непокор, кој во Османлиското Царство издржал тешки мачења во затворот во Битола, но не кажал од каде му се бомбите, ниту открил некое име кој му ги ‘подметнал‘ и за кого биле наменети. И со право Дончо Штипјанчето е меѓу 11-те восочни фигури на историски личности од Штип кои добиле место во Музејот во Ново Село“, вели кустосот Донче Ефремов.
Во 1996, штипјаните Никола Крупишки и Глигор Дуков издадоа книга за Андон Стојанов Тошев. Тие неколкупати престојувале во Ќустендил, последното место на живеење на Дончо Штипјанчето, каде што ги собрале сите ракописи од сведоштвата и сеќавањата на неговата ќерка Елена Тошева Рашенова.
Андон Стојанов Тошев е роден во светиниколското село Ерџелија на 20 јуни 1867. Веднаш потоа, неговото семејство се преселило во Штип. Тошеви биле сиромашни, па кога Дончо пораснал, почнал да се занимава со транспорт на ориз и друга храна, но и да пренесува писма и пратки до други градови. Бил мирен и чесен човек, секогаш прецизен со пратките, па за кратко време стекнал доверба кај луѓето, а посебно кај Гоце Делчев, на кого му станал најверен таен курир.
„Еднаш мајка ми не се стрпила и го прашала татко ми. Синоќа кога растовараше, нешто тропаше во вреќите, како кадилници да беа? Е, кадилници, кадилници, ти не зборувај многу меѓу народот“, напишала Тошева Рашенова во своите сведоштва за семејството.
„Заедно со бомбите, кои биле непознато оружје за тогашната османлиска војска, имало и весници кои требало да се однесат за Прилеп и писмо за Аврам од Битола, потпишано од Гоце Делчев. Наредбата била ако товарот биде откриен, писмото да се уништи, а курирот да ги напушти коњите и да избега. Наредниот ден, Дончо вечерта ја поминал во Кавадарци, а по престојот во Прилеп, заминал за Битола“, стои во книгата „Дончо Штипјанчето“.
Ќерката на Дончо раскажува дека пред Битола тој налетал на една стражарница, каде турските аскери ги проверувале сите товари. Дончо го искинал писмото, еден дел голтнал, но при проверката на товарот со ориз бомбите биле откриени. Не успеал да побегне, па бил затворен и мачен. Но, Дончо никого не предал, само велел дека не знае ништо за бомбите, дека тој само носел ориз од Кочанско. А, тоа железо внатре му било подметнато од некого.
Битолчанецот Глигор Попев, еден од челните луѓе на револуционерниот комитет, кога дознал за апсењето на Дончо, го известил Петар Поп Арсов да ги сокријат сомнителните материјали на организацијата. Но, кога виделе дека по повеќе дена никој не е уапсен, заклучиле дека Дончо не предал никого.
Дончо бил осуден на 101 година, но подоцна казната му била намалена на 15 години. По Грчко-турската војна во 1897, политичките затвореници биле амнестирани, па така и Дончо порано излегол од затвор. Дончо во народот станал симбол на народниот непокор и синоним на револуционерната тврдокорност. Битолчани по овој настан ја испеале песната „Ми товарил калеш Дончо“.
Откако се вратил во Штип, Дончо и неговото семејство постојано биле под притисок на властите, па скришно пребегал во Ќустендил, каде што подоцна дошла и неговата жена со децата. Последиците од тешкото мачење во затворот придонеле Дончо да се разболи и починал во 1931.
Т. ЈОВАНОВСКИ