Италијанските куратори на изложба во Фиренца тврдат дека ја откриле единствената најдена скулптура на Леонардо да Винчи. Отсекогаш постоела легендата дека Да Винчи изработувал скулптури, но досега ниедно такво дело не беше пронајдено.
„Богородица со насмеаното дете“ е чудесен исклучок, според кураторите на изложбата „Верокио: Учителот на Леонардо“ во Палатата Строци, која беше отворена деновиве. Под скулптурата има недвосмислена легенда, дека е дело на Леонардо да Винчи, дека е создадена околу 1472, кога имал 19 или 20 години, кога бил ученик на уметникот од Фиренца Андреа дел Верокио.
Делото од 1858 му припаѓа на лондонскиот музеј „Викторија и Алберт“, но тие сметале дека нејзин автор е Антонио Роселино. Тоа е така, како што вели италијанскиот професор Франческо Каљоти кој го водеше истражувањето, бидејќи науката била измамена од авторитетот на починатиот историчар на уметноста и директор на Музејот Џон Поуп-Хенеси.
Каљоти, кој предава на Универзитетот во Неапол, има голем углед меѓу експертите за ренесансата за неговото големо познавање на скулптурата на 15 век. Тој важел за чудо од дете во историјата на уметноста, бидејќи на осумгодишна возраст направил каталог за Лувр.
Вработените во Музејот не требало да имаат проблем да го препознаат печатот на Леонардо во таа скулптура, вели Каљоти. Богородица гледа надолу кон бебето Исус, седнато во нејзиниот скут, што е прототип на сите мистериозни насмевки во уметноста на Леонардо, од кои најпозната е таа на „Мона Лиза“.
Поуп-Хенеси, исклучително моќен експерт од 20. век, за автор на скулптурата го прогласил Роселино и тоа било конечно. Но, како што тврди Каљоти, Поуп-Хенеси немал вистински доказ за тоа. Тврдењето на италијанскиот професор го поддржува и Кармен Си Бамнах од Метрополитен во Њујорк.
Тие нивното тврдење го базираат на два важни детали: ткаенината во набори преку нозете на Богородица, препознатлив мотив за Леноардо, и реалистичната поза на лицето на бебето Исус. Такви лица на мали деца се забележани во цртежите на Леонардо. Исто така, портретирањето на насмеан Исус во 15 век не било само радикално, туку важело за богохулење. Во една од најдените книги на Леонардо, тој се сеќава дека како млад уметник имал проблеми за начинот на претставување на млад Исус.
Од Музејот „Викторија и Алберт“ претпазливо изјавија: „За потенцијалното авторство на Леонардо да Винчи, првпат се проговорило во 1899, така што тврдењето на професорот Каљоти ја освежува дискусијата“.