Речиси 600 години свештениците од храмот Јацуруги ја набљудуваат ледената кора на езерото Сува во Јапонските Алпи, ги запишуваат податоците и ги чуваат на сигурно, денес во локален музеј. Овие податоци го претставуваат едно од најстарите континуирани следења на климатски промени, што почнало многу пред свештениците и да знаат што е тоа.
Кијоши Мијасака е четвртата генерација во неговото семејство која го набљудува езерото, следејќи го феноменот што свештениците со векови го нарекуваат омиватари (omiwatari), односно преминување на боговите.
За да се формира омиватари, езерото мора целосно да замрзне, а температурата на воздухот неколку дена по ред треба да се одржи под 10 Целзиусови степени, пред малку да се затопли. И потоа, мразот почнува да пука и да се натрупува еден врз друг, создавајќи мал планински венец.
Како што глобалните температури растат изминативе години, езерото ретко цврсто замрзнува, дури и во најстудените месеци. Мразот често не е доволно дебел за да се формира омиватари.
Во текот на целиот 17. век имало само една година кога феноменот не се појавил, а меѓу Втората светска војна и 1988 година тоа се случило дури 13 пати. Оттогаш, омиватари е уште поредок, па така, минатата година се појавил по четири години пауза.
Покрај езерото се истакнати црвени знамиња кои ги предупредуваат посетителите дека е опасно да се оди по мразот, а ниското ниво на кислород во езерото доведува до помор на риби.
„Со години предупредувам дека нивото на кислород во езерото е опасно ниско, но никој не ме слушаше, ниту ми веруваше. Масовното умирање на риби во 2016 година беше толку страшно што за него пишуваа и национални весници. Овие денови, на езерото можат да се видат само неколкумина рибари. Во споредба со 1940-ите, годишен улов падна од илјада на само десет тони“, вели Мијасака.
Просечната годишна температура во регионот пораснала за 2,4 степени во последните 100 години, според Јапонската метеоролошка агенција.
Меѓу 1950 и 1994 година, езерото не замрзнало дури 17 пати, додека во периодот од 1443 до 1700 година биле забележани само три такви случаи.
„Идните генерации можеби воопшто нема да сведочат на феноменот омиватари“, стравува Мијасака.