Финскиот министер за одбрана Анти Кајконен ќе земе речиси двомесечно татковско отсуство во почетокот на следната година, додека неговата земја се обидува да влезе во НАТО. Потегот на Кајконен беше пофален од неговата Центристичка партија.
„Со гордост ја поддржуваме одлуката на Кајконен“, изјави лидерката на партијата и министерка за финансии Аника Сарико.
Кајконен ќе биде на отсуство од 6 јануари до крајот на февруари. Тој во јули објави дека го добил второто дете.
„Децата се мали само за момент и сакам да го запомнам тоа повеќе отколку само од фотографии“, изјави Кајконен.
Во Финска, татковците на децата родени пред септември 2022 имаат право на 54 дена татковско отсуство. Околу 80% татковци во Финска земаат одредено отсуство, кажа владата минатата година.
Кајконен е првиот машки министер во Финска кој се одлучил на татковско отсуство.
Финска и Шведска во мај се откажаа од воената неутралност и аплицираа за членство во НАТО, што досега го ратицифицираа сите членки освен Турција и Унгарија.