ФРАНЦИЈА ВОВЕДЕ ЧАСОВИ ЗА ПРЕПОЗНАВАЊЕ ЛАЖНИ ВЕСТИ ВО СРЕДНИТЕ ШКОЛИ

    ФРАНЦИЈА ВОВЕДЕ ЧАСОВИ ЗА ПРЕПОЗНАВАЊЕ ЛАЖНИ ВЕСТИ ВО СРЕДНИТЕ ШКОЛИФранција оваа година вложи шест милиони евра во програми за интернетска писменост (Фото: Њујорк тајмс)

    Француската влада почна експеримент во средни училишта низ земјата, преку кој децата се учат да препознаваат лажни информации на социјалните мрежи. Во борбата против ширењето на интернет дезинформирањето таа соработува со новинари и едукатори, а 30.000 наставници и друг образовен кадар оваа година поминале низ тренинг на оваа тема.

    Сандра Лафонт, новинарка која учествува во овој проект, гостуваше во едно средно училиште во Лион, каде што на учениците им одржа необично предавање, во рамките на кое тие требаа да проанализираат пет поста од Твитер, од кои еден од десничарскиот лидер Марин Ле Пен. И додека едни кажаа дека на Ле Пен може да ѝ се верува бидејќи нејзиниот профил е верификуван од Твитер, други посочија дека таа само сака внимание.

    „Политичарите понекогаш претеруваат со реалноста бидејќи нивната цел е да ги убедат луѓето дека нивните ставови се вистинските“, кажа Лафонт.

    Оваа година, француската влада го удвои буџетот за предавањата за интернетска и медиумска писменост на шест милиони евра и тие преку интернет станаа достапни за илјадници ученици. Некои наставници повикаа тие да станат задолжителни, како историја и математика.

    „Колку порано почнат, толку подобро. Затоа, во последно време го форсираме овој тип образование. Тоа стана животна потреба, бидејќи е голема закана“, вели Серж Барбе, кој го координира проектот во рамките на Министерството за образование.

    Надвор од Франција, вакви програми главно спроведуваат посебни групи, како што е случајот во САД, но Европската Унија неодамна ги повика своите членки да ги прошират своите образовни програми како дел од борбата против дезинформирањето и мешањето во избори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира