Французинка која верувала дека е во романтична врска со Бред Пит, при што била измамена да плати 830.000 евра за да му помогне за лекување. била толку исмевана на интернет што француската телевизија „ТФ1“ ја повлече емисијата за неа. Педесет и тригодишната дизајнерка именувана како Ен го откри својот случај во популарна емисија на „ТФ1“ во неделата, по што се соочи со бура од потсмев на социјалните мрежи.
Таа верувала дека повеќе од една година била во онлајн врска со славниот актер и мислела дека се заљубени. Кога тој ѝ рекол дека му требаат пари за лекување од рак зашто сметките му биле замрзнати среде разводот од Анџелина Џоли, Ен му префрлила пари.
Таа сфатила дека била измамена дури кога во медиумите видела фотографија од Пит со неговата девојка Инес де Рамон.
„Се прашував зошто ме избраа мене за да ме повредат толку многу. Јас никогаш никого не сум повредила. Тие луѓе заслужуваат да завршат во пеколот“, кажа Ен.
Откако емисијата се проширила на интернет, Ен масовно била исмевана за својата лековерност, поради што „ТФ1“ ја повлекла од својата понуда за гледање. Од „ТФ1“ појаснија дека сакале да ја заштитат Ен зашто се лекувала од ментални проблеми и депресија.
Измамата почнала во февруари 2023, кога Ен, која била мажена за богат бизнисмен, на Инстаграм ставила фотографии од скијање во француските Алпи. Потоа била контактирана од некој што се претставил како Џејн Пит, мајката на актерот, која ѝ рекла дека би си одговарале со нејзиниот син. Ен потоа стапила во контакт со друг профил, што наводно му припаѓал на Бред Пит.
Ен, која призна дека не ги владеела добро социјалните мрежи, една и пол година комуницирала со личност за која верувала дека е Пит. Измамникот користел лажни профили на социјални мрежи и фотографии создадени со вештачка интелигенција, што ѝ ги праќал на Ен. Меѓу нив биле и фотографии како лежи во болница, со барање да му прати пари за лекување на бубрезите.
„Комунициравме секој ден. Се заљубив во мажот со кој се допишував. Тој знаеше да разговара со жена“, рече Ен.