ГАЛИЧКАТА СВАДБА УШТЕ ЕДНАШ ЈА ОЖИВЕА ТРАДИЦИЈАТА НА МИЈАЧКИОТ КРАЈ

    ГАЛИЧКАТА СВАДБА УШТЕ ЕДНАШ ЈА ОЖИВЕА ТРАДИЦИЈАТА НА МИЈАЧКИОТ КРАЈГаличката свадба од година во година привлекува сѐ повеќе посетители од земјата и странство, потврдувајќи го својот статус како еден од најавтентичните изрази на македонското културно наследство и идентитет. (Фото: СДК.МК)

    Младенците Мартина Михајлова и Александар Пендароски се венчаа во храмот „Св. Петар и Павле“ во рамки на годинашната Галичка свадба, продолжувајќи ја вековната традиција на мијачкиот крај. Заедно со своите семејства, пријатели и неколку стотици статисти облечени во автентични носии, тие се заколнаа на вечна љубов во рамките на традиционалната манифестација која се одржуваше викендов.

    Младоженецот има галичко потекло, а неговите родители беа првите зет и невеста на првата обновена манифестација во 1991 година.

    Свадбените свечености започнаа на 10 јули со традиционалното поставување на бајракот и симболичното фрлање три пушки од куќата на зетот. Настанот и годинава се одржа под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која присуствуваше на обичаите и на младенците им подари галичка пафта со мотиви од традиционалната носија, како симбол на плодноста и македонското свадбено богатство. По венчавањето, таа им се придружи на присутните во традиционалното оро, посакувајќи им на младенците заеднички живот исполнет со љубов, доверба и меѓусебна почит.

    Галичката свадба од година во година привлекува сѐ повеќе посетители од земјата и странство, потврдувајќи го својот статус како еден од најавтентичните изрази на македонското културно наследство и идентитет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира