ГЕРМАНИЈА ГИ ПОСТИГНА КЛИМАТСКИТЕ ЦЕЛИ ЗА 2020 ГОДИНА БЛАГОДАРЕНИЕ НА ПАНДЕМИЈАТА

    ГЕРМАНИЈА ГИ ПОСТИГНА КЛИМАТСКИТЕ ЦЕЛИ ЗА 2020 ГОДИНА БЛАГОДАРЕНИЕ НА ПАНДЕМИЈАТАМинатата година Германија за првпат генерирала поголема енергија од ветерот отколку од јагленот. (Фото: ДПА)

    Германија успеа да ги реализира целите за намалување на емисиите на стакленички гасови во 2020 година, според извештај на климатските експерти. Но, намалената емисија на гасови е резултат на ковид пандемијата, а не на промените во политиките, велат експертите.

    Најголемата европска економска сила, според податоците од берлинскиот истражувачки центар „Агора енергивенде”, изминатава година испушти 42.3 проценти помалку стакленички гасови споредбено со извештаите од 1990 година. Првичната цел за намалување на емисијата на гасови за 40 проценти беше поставена одамна, но Германија долги години не успеваше да ја реализира истата, сè до 2020 година и појавата на ковид-19.

    Според пресметките на „Агора енергивенде“, ланските емисии на стакленички гасови во Германија, кои ја заробуваат топлината во атмосферата на Земјата, притоа предизвикувајќи пораст на глобалните температури се намалиле за над 80 милиони тони. Две третини од оваа бројка се припишуваат на сегашната пандемија, која ги забави индустријата, патувањата и јавниот живот. Според истражувачите, под нормални околности намалувањето на емисиите на гасови би било околу 25 милиони тони или 37,8 проценти.

    Во извештајот е евидентиран и пад на потрошувачката на енергија во 2020 година како резултат на кризата. Згора на тоа, Европската унија постави релативно висока цена на јаглеродот, што ги поскапи повалканите форми на производство на енергија како јагленот. Зимата беше исто така прилично блага, што доведе и до помали сметки за греење.

    Покрај сето ова, евидентирано е дека Германија за првпат генерирала поголема енергија од ветерот отколку од јагленот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира