Германската семејна фирма „Бекер“, со седиште во Северна Рајна-Вестфалија, случајно беше вмешана во неодамнешниот шокантен грабеж во музејот Лувр откако притоа беше користен еден од нејзините мали товарни лифтови.
Во неделата, четворица крадци паркирале украден камион до Лувр и со помош на долга скала и платформа со мобилен лифт се искачиле на тераса, а оттаму насилно влегле во зградата и украле накит во вредност од 88 милиони евра. Во меѓувреме се појави снимка од бегството на крадците, кои бавно се спуштаат со платформата и потоа се качуваат на мотори.
Ден по грабежот, откако стана јасно дека немало повредени, „Бекер“ со хумор реагираше на целиот настан, претворајќи ја кражбата во маркетиншко злато.
„Кога треба да се движите брзо, ‘Бекер Агило‘ ги транспортира вашите богатства тешки до 400 килограми со брзина од 42 метри во минута – тивко како шепот“, стои во рекламата проследена со фотографија од скалата која оди до галеријата „Аполон“.
Директорот Александер Бекер рече дека решиле да додадат малку хумор на ситуацијата.
„Злосторството е апсолутно за осуда, тоа ни е сосема јасно. Сепак, ова беше можност за нас да го искористиме најпознатиот и најпосетуван музеј во светот за да привлечеме малку внимание кон нашата компанија“, кажа Бекер.
Шефицата за маркетинг во „Бекер“, Јулија Шварц, кажа дека во 2020 го продале мобилниот товарен лифт на компанија во парискиот регион, која го издава под наем.
„Крадците неодамна се јавиле во француската компанија, изразувајќи интерес за користење на лифтот, а потоа го украле за време на демонстрација на неговата употреба, што сопствениците го пријавиле во полиција минатата недела“, рече Шварц.
„Бекер“ е основана во 1958 година и работи под слоганот „Мојот пат до врвот“. Има околу 600 вработени.



