Забраната за носење тренерки на часови во едно германско училиште во гратче близу Дизелдорф предизвика голем медиумски интерес и правнa дебата во земјата. Управата на средното училиште во Вермелкирхен ги испрати дома да се пресоблечат учениците облечени во тренерки. Учениците и нивните родители беа лути поради одлуката, но училиштето опстана на забраната.
„И покрај критиките во медиумите, ние сакаме да ги охрабриме нашите ученици да носат алишта кои што нема да ги стават во искушение да ‘кулираат’. За подготовка за професионалниот живот, важно е да се откажат од тренерките“, изјавија од училиштето за германските медиуми.
Според локалните власти, родители на шест ученици се пожалиле поради тоа што нивните деца биле вратени дома да се пресоблечат.
Но, правните експерти велат дека училиштето нема право да носи такви одлуки.
„Нема основа за индивидуална забрана. Правната ситуација е многу јасна. Директорите на училиштата можат само да дадат препораки за дрескод, ништо повеќе“, вели професорот Хинерк Висман од Универзитетот Минстер.
Па така, носењето тренерки не може да се смета за прекршок кој што оправдува исклучување од настава.
Професорот Маркус Огорек од Универзитетот Келн кажа нешто слично: „Препорака не може да биде обврска“ и затоа праќањето дома на учениците нема основа во законите.