ГРК ПИШУВАЛ ГРАМАТИКА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

    ГРК ПИШУВАЛ ГРАМАТИКА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИКПателис Пуљопулос (1900-1943), генерален секретар на Комунистичката партија во Грција меѓу двете светски војни, покрај тоа што пишувал статии за македонското прашање, се обидел да напише и граматика за македонскиот јазик, но таа не е сочувана

    Некогашниот истакнат грчки комунист Пателис Пуљопулос (1900-1943), генерален секретар на Комунистичката партија во Грција меѓу двете светски војни, покрај тоа што пишувал статии за македонското прашање, се обидел да напише и граматика за македонскиот јазик, која за жал до денес не е сочувана.  Податоци за неговото дело, во кое ги бранел правата на македонското малцинство во Грција, објави докторот по историски науки Александар Литовски од Битола во книга „Одбрана на македонизмот“. Во книгата покрај пофалните слова за македонски дејци, се споменува и Пуљопулос, зашто јавно ги побивал грчки ставови за непостоење на македонски народ, поради што бил и затворан.

    Во книгата се наведува дека уште во 1925 Пуљопулос и други комунисти истакнале парлола за независна Македонија, поради што биле изведени пред суд  од власта на Теодорос Пангалос. За да избегнат смртна пресуда, Коминтерната ги советувала да ја повлечат паролата. Но, Пуљопулос ги отфрлил советите и повеќе од четири часа  во судот го бранел правото на малцинства самите да решаваат за својата судбина. Повторно бил уапсен во 1938, за време на диктатурата на Метаксас, а во затворот на Пелопонез се обидел да напише „Македонска граматика“.

    Податоци за делото на Пуљопулос, во кое ги бранел правата на македонското малцинство во Грција, објави докторот по историски науки Александар Литовски (лево) од Битола во книга „Одбрана на македононизмот“ (Фото: СДК.МК)

    „Иако бил чистокрвен Грк, тој во затворот Акронавплија на полуостровот Пелопонез во четириесетите години од минатиот век, како полиглот кој зборувал осум јазици, го знаел и македонскиот јазик и дури се обидел на направи македонска граматика. Ова сознание е од наши Македонци, комунисти кои биле со него во логорот и му давале податоди за јазикот. Но, во 1943 година бил стрелан и остана тајна колку напишал, а граматиката до денес не е пронајдена“, вели Литовски.

    Од граматиката не е пронајдена материјална трага, но зачувана е неговата статијата „Македонското прашање и комунистите“ што ја напишал во затвор, а била објавена во  гласилото „Ризоспастис“ во Грција во 1940. Статијата содржи седум точки, во кои македонскиот народ го претставил како посебен и јавно го бранел правото за негово егзистирање и самоопределување.

    Во првите точки од статијата Пуљопулос навел:„Kој не го признава постоењето на македонското национално  прашање… тој е бездруго лакеј на буржоазијата. Кој не го признава историското ослободително двжење на Македонците, тој е или неписмен и тогаш треба да ја научи историјата на тоа движење и неговите национални херои или пак е лакеј на угнетувачките буржоазии“. Понатаму, запишал дека ова движење било задушувано во крв, предавство и искористувано од балканските буржоазии. Но, дека може повторно да се развие, под нови поволни историски услови, а оној кој не ја признава таа можност е намерно слеп.

    Во 1943 година бил стрелан од фашистите заедно со поголема група грчки партизани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира