ГУШКАЈЌИ ГО ГТЦ, ЈА ГУШКАВМЕ СЛОБОДАТА, СЕЌАВАЊЕ НА АРХИТЕКТОТ ЖИВКО ПОПОВСКИ ПРЕКУ НЕГОВИТЕ КОЛУМНИ

    ГУШКАЈЌИ ГО ГТЦ, ЈА ГУШКАВМЕ СЛОБОДАТА, СЕЌАВАЊЕ НА АРХИТЕКТОТ ЖИВКО ПОПОВСКИ ПРЕКУ НЕГОВИТЕ КОЛУМНИ„Ние не потфрливме во градењето, туку потфрливме во мислењето“, „Градот ќе биде голем ако успее да ги сочува слободните површини“ се само дел од лекциите на архитектот Живко Поповски (1934-2007 година) кои синоќешните гости од сите генерации во преполниот Музеј на Град Скопје имаа можност да ги чујат од неговите пријатели и соработници (Фото : М.Златевска)

    „Живко беше темпераментен, иницијативен, го викавме Жика живец, тој беше душа на секое друштво и водач на сите наши младешки непромислености и лудории. Двајцата сме родени во 1934 година, таман да запаметиме што е предвоено Скопје, што е војна, а што значи повоено Скопје“, кажа синоќа академик Влада Урошевиќ за неговиот другар од училишните клупи, архитектот Живко Поповски (1934-2007 година).

    За еден од омилените и ангажирани скопски професори и интелектуалци, борец за зеленило во градот, за архитектот на Градскиот трговски центар, во преполниот Музеј на Град Скопје, на празникот на слободата на градот, 13 ноември, топло говореа неговите пријатели и соработници, на промоцијата на книгата „На Скопје со љубов“ .

    Ристо Пенов, Мери Батакоја, Анета Христова- Попоска, Влада Урошевиќ и Мартин Гулевски на промоцијата во Музеј на Град Скопје (Фото : М.Златевска)

    Книгата, приредена од архитектките Анета Христова-Поповска и Мери Батакоја , во издание на „Приватен принт Скопје“ , претставува комплетна збирка на текстови, колумни и интервјуа на Поповски, надополнета со авторски цртежи.

    Академиот и поет Влада Урошевиќ евоцираше спомени за другарувањето од клупите во Машката гимназија „Цветан Димов“, за членувањето во драмската секција и за мечтаењата за Париз.

    Се запознале во 1947 година, кога имале по 13 години, и како највисоки и најслаби во класот, седеле во иста клупа.
    Имавме и други заеднички нешта, вели Урошевиќ, пред сè, незаинтересираноста за тогашната младинска организација која владееше со душите на тогашните младиници.

    „Живко беше скопјанец, како и неговите родители. Живееше во Кисела вода, но денес не би можел на картата на Скопје да го лоцирам тоа место. Тоа беше рурална оаза, една осамена куќа со лозница пред неа, а наоколу еден пустеж од диви дрвја, грмушки, обраснато во многу зеленило, помалку хаотичен рај.

    Мислам дека тоа детство на Живко , поминато во тој амбиент на дивата природа и на близината на градот може да да го објасни идниот архитект Живко Поповски по прашањето за градот и природата“, рече тој.

    „Напишавме сценарио за Куршумли ан, за историјата на оваа извонредна градба. Бевме пофалени но, потоа дознавме дека конкурсот бил наместен за други да ги добијат парите“, рече Урошевиќ на што гостите слатко се насмеаа (Фото : М.Златевска)

    Кога членувале во драмската секција, каде обично се играле партизански едночинки, Поповски се зафатил, ни помалку ни повеќе, како што вели Урошевиќ со „Чисти раце“ на Жан Пол Сартр.
    Двајцата другари членувале и во академскиот киноклуб, снимале филмови на 16 милиметарска лента па самите ја сечеле на 8 милиметри.
    Се дружеле, вели тој, со идниот композитор Томислав Зографски, со идниот писател Богомил Ѓузел, со идниот режисер Александар Ѓурчинов.

    Во средината на 50-тите години на минатиот век, пишувале сценарија за филмови, па дури и се пријавиле на конкурсот на „Вардар филм“ за документарни филмови.
    „Напишавме сценарио за Куршумли ан, за историјата на оваа извонредна градба. Бевме пофалени но, потоа дознавме дека конкурсот бил наместен за други да ги добијат парите“, рече Урошевиќ на што гостите слатко се насмеаа.

    Поетот и академик говореше за Поповски дека бил човек кој не подлегнува на други мислења, оригинален и во таа своја оригиналост често одел во парадокс.
    „Беше смел, со отворен дух, со нови идеи, сјаен тип. А тоа што источниот влез на ГТЦ е на местото каде што беше западниот влез на Машката гимназија, говори за тоа како сè се врзува и преплетува во животот“, заклучи Урошевиќ.

    Поранешниот скопски градоначалник, Ристо Пенов раскажуваше дека Поповски бил постојано присутен и најактивен во кабинетот во Град Скопје.
    „Секогаш беше подготвен да дебатира, на тој свој, надмен, професорски, театрален начин, со гестикулации. Го паметам дека секогаш беше дотеран, со пеперушка околу јаката од кошулата.
    Секогаш подготвен за дискусија, надмено, но сепак на ниво да може да се оствари таа комуникација“, кажа Пенов.

    Книгата претставува комплетна збирка на текстови, колумни и интервјуа на Поповски, надополнета со авторски цртежи (Фото : М.Златевска)

    Парк шумата на Водно, Кале, Вардар и Скупи му биле најжестоки точки во сите дебати за кои се ангажирал.
    „Од Живко ми остана изреката„, рече Пенов , „дека градот ќе биде голем ако успее да ги сочува слободните површини“.
    Тој се залагаше да не се гради во центарот, не само на Плоштадот и преку Камени мост, или ако се гради, тоа да се направи со особено внимание и со голема дебата што и како да изгледа.

    „Голем дел од просторот за кој тој се залагаше да биде со зеленило, сега е зафатен со некои градби кои не се адекватни.
    Мислам дека и успешноста на акцијата ’Да го спасиме ГТЦ’, масовниот приод и позитивниот однос на граѓаните беше заради самиот Живко, кој успеал на тие млади години да изгради еден таков објект, кој иако не успеавме да го сочуваме и одржуваме како објект , како што треба, сепак за тоа време и денес е еден од најграндиозните градби околу Скопје“, рече бившиот градоначалник Пенов.

    За професорот од Архитектонскиот факултет Мартин Гулевски , работата со Поповски на три објекти била од голема важност, затоа што добил многу лекции, како на пример, односот кон проектирањето :„Куќата е град, а градот е куќа“.
    „Не беше дволичен ни во односот со луѓето, ни во работата. Беше човек,знаше како да направи атмосфера во кабинетот на факултетот.
    Таму седеа и Борис Чипан и Славко Брезовски, и тоа беше, како три планини, Алпи, со кои не знаеш како да разговараш.
    Еднаш, влегува Чипан со косата залепена за челото, и Живко му вели : „Ее Чипан како римски патрициј си“ и веднаш се променува атмосферата во друштвото (ха ха)“, раскажа Гулевски.

    На промоцијата се продаваа и беџови со дел од терминологијата на Поповски, како градољубител, градотворец , како ветување, како што рече Батакоја , дека ќе продолжиме да го негуваме културното наследство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира