Куќарки, параклис, дрвени маси со столици, бунар, фонтана и сето тоа оплеменето со зеленило, вака изгледа дворното место на битолчанецот Гоце Наумовски. Пораснат во подножјето на Пелистер, во живописното село Ротино, тој сакаше магијата на природата да ја долови и под својот прозорец. Целиот овој рај го направил сам, со една рака, зашто десната ја изгубил на 13-годишна возраст во сообраќајна несреќа.
„До денес, во ништо не сум бил зависен од други. Сѐ што сум направил во куќата во Брусничка населба во Битола е направено со мојата рака. И ден денес, секој ден сум со лопата во раката“, вели Наумовски.
Кога со семејството се доселил во оваа битолска населба, дворот бил меѓа. Мотивиран од убавите глетки кон планината, сакал и тука да му даде душа на просторот. Посадил борови, денес толку високи што од планината се гледаат. Изградил тераса, поставил огради, ископал сто колички земја за да направи фонтана, во која ќе се собира атмосферската вода и ќе кружи. Од стар орев направил уникатна масичка со столчиња, како да е од резба.
„Да направам бунар ми беше предизвик. Зедов железно буре за ракија, го прицврстив во земјата и околу него почнав да ѕидам. Бунарот нема вода, украсен е. Запрежна кола се распаѓаше во близина на село Цапари и ја побарав од сопственикот. Ја донесов во дворот и целосно ја репарирав, со лим ја средив и ги реновирав тркалата. Луѓето кои минуваа тука, се сликаа покрај неа. Потоа, донесов камен и во дворот изѕидав параклис посветен на Св. Ѓорги, што е моето крстено име, а моделот е од црквата ‘Св. Архангел‘ во Битола. Пластични кофи сечев на пола да ми послужат како куполи, ги врзав со телчиња и потоа со малтер ги изѕидав, па лепев камчиња“, раскажува Гоце.
Тоа што сѐ прави со една рака, не го смета за хендикеп. Денес е пензионер, а уште скија на Пелистер. Пред некоја година скијаше и во Франција и Грција.
„Тоа не е чудно, зашто ротинци скијаат од три години. Тамам на нозе ќе се исправевме, одевме на Пелистер“, се присетува Гоце.
Успеси има и на професионален план. Завршил Економски факултет, се вработил во некогашната голема трговска куќа „Јавор“ која во 1970-ите години била во експанзија со 1.600 вработени, а ја сметале за најдобра компанија од Гевгелија до Марибор. Потоа основа семејство, добил две ќерки, со сопругата заминале во Австралија, тргувал со мебел од нашата земја за Австралија и Нов Зеланд. Откако сопругата се разболела, се вратиле во Битола и пред неколку години таа починала. И таа била голем љуботел на природата, па Гоце и во нејзин спомен продолжува да го разубавува своето омилено катче, семејниот двор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА