ХЈУ ХЕФНЕР – СЕКСУАЛНИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР ШТО СПИЕЛ СО ИЛЈАДА ЖЕНИ

    ХЈУ ХЕФНЕР – СЕКСУАЛНИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР ШТО СПИЕЛ СО ИЛЈАДА ЖЕНИВо интервју во 2013 година откри дека спиел со над илјада жени. - Хју Хефнер со плејбој зајчиците (Фото: АП)

    „Издавањето на софистициран магазин за мажи ми се чинеше како најдобриот начин да го остварам мојот тинејџерски сон – да спијам со голем број жени“.

    Хју Хефнер, хедонистот со пењоар, луле и со морнарска капа, успеа и во едното и во другото: магазинот Плејбој, што го покрена во 1953 година со 600 долари, не само што го претвори во мултимедијално царство, туку и поттикна сексуална револуција.

    Тој почина во својот дом во Лос Анџелес на 91 година. Како ретко кој, имаше исклучителен и исполнет живот, во кој, како што кажа во интервју во 2013 година, спиел со повеќе од илјада жени.

    Хју Хефнер со првиот број на Плејбој со Мерилин Монро на насловната страница кој во 1953 година го покренал со 600 долари (Фото: АП)

    Хефнер реши да го промени светот во времето кога во САД беа забранети контрацептивни средства, а зборот трудна не смееше да се чуе во песните. Во првиот број на Плејбој, тој објави разголени фотографии од Мерилин Монро и во воведниот текст вети „хумор, софистицираност и зачин“. Втората светска војна беше завршена и Америка беше подготвена да се расоблече.

    Плејбој наскоро стана забрането овошје за тинејџери и библија за возрасни мажи, стекна редовна бројка од седум милиони читатели месечно и инспирираше нови слични магазини, како Хастлер и Пентхаус.

    „Најмногу сум горд на тоа што го сменив односот кон сексот. Ја тргнав стигмата од предбрачниот секс. Тоа ми дава големо задоволство“, кажа Хефнер во 1992 година.

    Ретко излегувајќи од дома, тој го водеше магазинот од својата вила, станувајќи симбол на луксузен начин на живот, постојано опкружен со убавици и јавни личности. Неговите забави се легендарни.

    Својот бизнис го прошири на ноќни клубови, филмови и телевизија, создавајќи богатство од 200 милиони долари, но Плејбој беше бренд за себе. На жените, дури и на веќе познати фаци, им беше предизвик да се сликаат и разголат за него, иако некои подоцна признаа дека тоа не им било позитивно искуство.

    Но, Плејбој никогаш не бил само секс. Тој објавуваше интервјуа со светски лидери и со рок-ѕвезди, како и раскази од славни писатели и редовно се осврнуваше на актуелни социјални теми. Самиот Хефнер беше голем борец за граѓански права и поддржувач на абортусот.

    Иако промовираше ергенски стил на живот, Хефнер се женеше трипати и се до неодамна лично ги избираше „зајачицата“ на месецот и фотографијата за насловната страница, влегувајќи во Гинисова книга на рекорди како уредник на магазин со најдолг стаж.

    „Би сакал да ме запомнат како некој кој го сменил светот на позитивен начин, во социјална и во сексуална смисла. Би бил среќен со тоа. Јас сум дете кое имало сништа и успеало да ги оствари“, изјави Хефнер свовремено за Си-Ен-Ен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира