Неколку дена откако освои Златен глобус за најдобар актер, Хоакин Феникс заврши зад решетки.
Ѕвездата на „Џокер“ беше приведена на вчерашниот редовен протест против климатски промени, што секој петок во Вашингтон ги предводи друга холивудска икона, Џејн Фонда.
Полицијата на Вашингтон објави дека привела вкупно 147 луѓе, вклучувајќи ги Феникс и 79-годишниот актер Мартин Шин, кои по кратко време биле ослободени. Непознато е дали ќе им бидат изречени казни. Портпаролка на полицијата кажа дека демонстрантите биле уапсени поради недолично однесување и нарушување на јавен ред.
Феникс, кој цел живот е веган, одржа говор на протестот, при што ја критикуваше месната и млечната индустрија.
„Што можеме да направиме во оваа наша борба против климатски промени? За почеток, можеме да ги смениме навиките за јадење“, кажа Феникс.