Заменете ги пластичните кеси со платнени торби кога пазарувате, порачаа претставниците на „Пивара“ Скопје“, „Пакомак“ и амбасадорот на Холандија Воутер Пломп, во пресрет на Меѓународниот ден за чистење на планетата.
Тие со цел подигнување на свеста за потребата од замена на неразградливите пластични кеси со алтернативни решенија кои не ја загадуваат животната средина, во неколку маркети низ Скопје на граѓаните им делеа платнени торби како една од еколошки прифатливо решение.
„Неразградливите пластични кеси се огромен глобален еколошки проблем за целокупната природа, особено за животинскиот свет во реките, морињата и океаните. Лично ќе бидам многу среќен доколку со денешната симболична акција ги поттикнеме луѓето да променат нешто во нивните секојдневни навики и со тоа, наместо да учествуваме во создавање на проблемот, заедно да бидеме дел од неговото решение“, рече амбасадорот на Холандија, Воутер Пломп.
Генералниот директор на „Пивара“ Скопје Владимир Косијер рече дека компанијата е силно посветена на заштитата и унапредувањето на животната средина и дека оваа најновата акција е дел од пошироката долгорочна платформа на „Пивара“ и „Пакомак“, која се одвива под мотото „Рециклирате ли“. Платформата вклучува најразлични активности, почнувајќи од едукација на младите и пошироката јавност за потребата од правилен третман, селекција и рециклирање на отпадот, како и волонтерски еко-акции за чистење на јавни површини.
„Во континуитет спроведуваме конкретни мерки, ги надминуваме еколошките таргети поставени од државните институции и инвестираме значајни финансиски средства со кои меѓу останатото се обезбедува и ефикасност на системот за собирање и рециклирање на амбалажниот отпад. И во оваа прилика сакам да апелирам и до останатите компании и целото општество да го преземат својот дел од одговорноста и повеќе да се ангажираат во решавањето на проблемот со загадувањето на околината, со што креираме услови за одржлива иднина за нас и за идните поколенија“, рече Косијер.