Додека ураганот Милтон беснееше на Флорида доцна во средата навечер и рано наутро во четвртокот, еден инфлуенсер познат на социјаланите мрежи, излезе надвор и покрај забраните за движење.
Мајк Смолс Џуниор се снимаше со надуван душек, чадор и пакет тестенини. Излезе надвор во средата вечерта во Тампа, Флорида пред ударот на Милтон и почна да емитува во живо на платформата Кик. На својата публика во преносот во живо ѝ кажа дека ако достигне 10.000 прегледи, ќе скокне во водата од поплавата само со душекот како импровизиран сплав.
Откако достигнал 10.000 прегледи, тој влегол во водата од поплавата на улицата. „Ветерот почна да се засилува, а јас не знам да пливам, па морав да се дофатам за дрвото“, изјави тој за Би-Би-Си.
Областа беше под наредба за задолжителна евакуација бидејќи жителите беа информирани за непосредната опасност од невремето. Преносот во живо на Смолс собра повеќе од 60.000 прегледи и доби уште повеќе откако преносот беше објавен на други платформи и на социјалните мрежи.
Многумина онлајн го критикуваа младиот инфлуенсер велејќи дека ако си нанесе штета може да ги доведе во опасност и спасувачите.
Полицискиот оддел на Тампа Беј објави соопштение во врска со инцидентот во кое се вели: „Игнорирањето на наредбите за задолжителна евакуација ги става животите во опасност. Кога поединците ги занемаруваат овие предупредувања, тие не само што ја загрозуваат сопствената безбедност, туку создаваат и дополнителни проблеми за оние кои неуморно работат за да спасат животи“.