Копачки, чизми, велосипеди, скии, кациги, рекети, даски за сурфање се изложени во Националната галерија Мала станица во Скопје во рамките на изложбата „Предизвик: Иновацијата на италијанскиот дизајн во спортот“, со која се одбележува Денот на италијанскиот спорт во светот. Изложбата денеска ја отвори италијанскиот амбасадор во Македонија Паоло Палминтери, а ќе може да се разгледа до 18 мај.

Изложбата ги спојува врвните спортски вредности со она што е карактеристично за Италија – дизајн и иновации. (Фото: К. Попов)
Изложбата претставува патување низ децениите на италијанските иновации во спортот и, меѓу другото, дава увид во развојот на скии и тениски рекети, а особено атрактивни експонати се копачки на Роберто Баџо од 1994, чизми „мун бутс“ инспирирани од обувките на астронаутите и спортски велосипед „пинарело“, создаден за соборување олимписки рекорди.
„Оваа изложба ги спојува врвните спортски вредности со она што е карактеристично за Италија – дизајн и иновации. Се работи за патувачка изложба, креирана од Музејот за индустриски дизајн АДИ во Милано, чија цел е да го прикаже динамичниот спој на спортот и технологијата. Од 1960-тите до денес, италијанскиот дизајн одигра трансформативна улога во спортот, комбинирајќи ја префинетата естетика со врвна функционалност и иновација“, изјави Палминтери.
Италија од лани почна да го одбележува Денот на италијанскиот спорт во светот, на иницијатива на владата и Националниот олимписки комитет. Италија следната година ќе биде домаќин на Зимски олимписки игри, кои ќе се одржуваат во Милано и Кортина.
Г. КОНЕВ