Во Охрид уште во 1946 година на првите избори за народни одбори имало своевиден графит кој и по 72 години стои на зградата на охридското семејство Симончеви на градскиот кеј. Овој објект е еден од најрепрезентативните во градот и затоа тогашната власт се одлучила пораката за изборите да ги испише на предната страна од фасадата.
„Тогаш бевме деца и се сеќавам дека на куќата на Симончеви активисти од тогашниот Народен фронт испишаа порака дека ‘изборите ќе демократизирет ушче поике нашата народна власт’. Се бираа членови на народните одбори, но и претседател на Општината. За сите нас тоа беше ново, преку порака на ѕид од куќа да се повикува на избори. Овој објект не беше случајно избран,бидејќи се наоѓаше на фреквентна локација, а пораката беше видлива и читлива. Јас и денес кога поминувам на овој дел гледам дека годините и временските прилики не ја избришале оригиналната содржина на пораката“, кажува Танас Горичан, охриѓанец од старо охридско семејство, човек кој долги години беше директор на охридски Водовод, одборник во неколку мандати на охридска локална власт во 1970-те години.
Горичан вели дека оваа порака на ѕидот на Симончеви треба да се заштити, бидејќи е сведок на едно време кога во Охрид за прв пат по ослободувањето се организирале локални избори, а биле рекламирани на оригинален начин.
Во таа година кога беа бирани членови на народни одбори, беше избран и првиот градоначалник на Охрид. Тоа беше поп Смиљан Наумовски, татко на градоначалникот Никола Наумоски, кој беше избран на таа функција пред околу две децении, вели Горичан.
Сегашната локална власт нема коментар дали и како ќе го заштити овој прв графит со изборен слоган.
Д. ЧУБРИЌ