Осум банкноти, осум приказни.
Така Музејот на Народна банка ја осмисли изложбата за денарот, организирана по повод 30-годишнината на македонската национална валута, која ни открива дека секоја банкнота има своја тема и приказна и сето тоа проследено со вредните археолошки и уметнички експонати кои се прикажани на нив. Оваа изложба е ретка можност на едно место да се видат златната маска од Требеништа, торзото на Изида од Лихнид, фигурината на Менада ископана во Тетово во 1930-ите, средновековна гулабица, иконата на Богородица Епискепсис и златен накит, кои специјално за оваа пригода се позајмени од други музеи.
„Педесетденарката е инспирирана од византиското културно наследство на Македонија, особено од неговиот зенит во 12. век, кога на оваа политички стабилна територија се случува процут на градителската и уметничката дејност. Оставина од тоа време се двата најрепрезентативни храма, во Нерези и во Курбиново“, вели раководителката на Музејот на Народна банка, Катерина Христовска.
Банкнотата од 1.000 денари е посветена на Охрид, опишан како град на светлината, а на 500-денарката по вредност се израмнети два антички ресурса, златото и опиумот.
„Приказната за банкнотата од 200 денари ја насловивме светлина, зашто на неа се содржани сонцето од виничка икона, односно релјефна плоча и ѕвездата од тетовската Шарена џамија“, вели Христовска.
И додека наративот за дизајнот на стотката е куќата како физички простор, на банкнотата од 2.000 денари е прикажан домот како асоцијација за присуство и семеен живот.
„Предната страна од банкнотата од 100 денари е украсена со таванска розета од куќа во Дебар, која денес му припаѓа на семејството Еребара, додека на другата страна е графика на Скопје од холандскиот сликар Јакоб Херевејн од 17. век. Тој можеби бил во Скопје, можеби не, можеби читал текстуални записи за Скопје. Тоа секако е малку идеализирана, романтизирана слика на Скопје, која можеби има и свои веродостојности“, кажа Христовска.
Македонските книжни пари ги дизајнираа Билјана Унковска (шест) и Ласко Џуровски (две). Една од неговите банкноти веќе не е во оптек.
„Банкнотата од 5.000 денари беше повлечена во 2016 година. На неа се наоѓа Менада, придружничка на богот Дионис. Оттука, и нејзината тема е виното“, појасни Христовска.
Изложбата ќе трае шест месеци, отворена е секој работен ден од 9 до 15 часот, влезот е бесплатен, со задолжителна идентификација со лична карта или пасош.
Г. КОНЕВ