Игор Џамбазов со „Гуру Харе бенд“, во саботата одржа концерт на летната сцена „Славиша Кајевски“ во Македонскиот народен театар (МНТ). Џамбазов, на колегата Кајевски кој почина во 2021 на 39 години, му ја посвети „Ако умрам ил загинам“, неговата преработка на песната од Јонче Христовски.
„Двајца луѓе сакаа да се направи оваа летна сцена. Едниот е Никола Кимовски, в.д директорот на МНТ, а другиот е Славиша Кајевски. Со Славиша не сум играл ниту една претстава. Имавме една менструална алкохолна епоха која траеше три дена. Тој беше дете кое сакаше да полета, исто како и Силјан штркот. Затоа немојте да го жалите, зашто тој така одбра, да полета. Не сакам да зборувам дека гледа од горе, но е присутен овде вечерва, во секоја форма“, рече Џамбазов.
Низ блуз песните кои со голема љубов ги напишал, а денес со најголем мерак ги пее, актерот и шоумен го раскажа својот живот. „Ова е најтажниот блуз кој сум го напишал, ‘Жена ми не сака блуз’. Добро, бившата жена не сака блуз“, рече актерот. Палејќи цигара и шегувајќи се дека докторот Жан Митрев му рекол оти може да пуши на сцената по третата песна, за циркулација, Џамбазов се напи вода и рече: „Не пијам шест години, 8 месеци и 21 ден“.
Тој и гитаристот Игор Атанасовски- Харе кој Џамабзов го вика Гуру Харе имаат и уникатна верзија на песната „Бела чао“. Во 2020, Џамбазов им ја посвети оваа верзија на тогашниот премиер на Бугарија Бојко Борисов и на министерот за одбрана, Красимир Каракачанов. Во песната, се споменува и македонскиот пејач Ламбе Алабаковски.
„Ова е најскапата песна за решавањето на спорот со Бугарија која ја напишавме. Јас како Трајче дрварчето имам утепано повеќе Германци од Партизаните“, рече Џамбазов. „Ова ако не го реши спорот со Бугарите, не знам што може друго да го реши“, рече Гуру Харе. Џамбазов рече дека е среќен што пее пред одбрана публика, која му личи на музички образована и ќе си дозволат да свират повеќе блуз од другите концерти на градските плоштади на кои ги канат.
„Сега ќе ви раскажам како со години го изневерував театарот со блузот“, рече акерот и ја најави премиерата на претставата „12“, на 20 ноември во режија на Синиша Ефтимов во која глуми со уште 11 познати македонски актери. „Вечерва е овде мојот колега од претставата Јордан Симонов, во претставата поротникот со број 8 и режисерот Синиша Ефтимов. Ако има уште некој нека се јави, ако не, јас и со нив двајца сум задоволен“, рече Џамбазов.
За својот пријател Харе, тој додаде дека заедно свират 30 години и освен креативно, никогаш досега не се скарале. Џамбазов се пошегува дека ако го сменат законот, тој и Гуру Харе можеби ќе се венчаат. „Време за плачење“, хитот од фестивалот Макфест од 1992 тој и бендот го испејаа во фанки верзија. „Не носев палто таа година на Макфест, а Драган Вучиќ носеше 5-6, за две вечери, па од него го позајмив најдречавото“, се сети Џамбазов.
Следниот концерт на летната сцена „Славиша Кајевски“ во МНТ е на Пијан Славеј, на 24 септември.
М. ЏАРОВСКА