Кога вчера беа објавени номинациите за Оскар, меѓу селектираните најдобри актерки имаше и едно легендарно име (Глен Клоуз), поп ѕвезда (Леди Гага) и филмска дебитантка. Дваесет и петгодишната Јалица Апарисио е главната ѕвезда во филмот „Рома“ на Алфонсо Куарон и една од десетте номинации што ги доби овој филм за животот на куќна помошничка во Мексико Сити во 1970-ите години. Апарисио со тоа стана првата домородна жена која била номинирана за Оскар за најдобра актерка, исто како и прва Јужноамериканка по Каталина Сандино Морено во 2005.
Апарисио, која ја добила улогата набргу по дипломирањето за учителка, никогаш не глумела пред „Рома“ и сега се надева дека нејзиниот лик Клео Гутиерес ќе укаже на маките и проблемите со кои живеат домородните луѓе.
„Се надевам дека со ова уривам стереотипи дека домородните луѓе не можат да прават некои работи поради бојата на кожата. Добивањето на номинацијата е побивање на некои сфаќања. Се надевам дека ова ќе отвори врати за други луѓе и ќе докаже дека и ние можеме да го правиме ова“, изјави Апарисио за „Њујорк тајмс“.
Според извештајот на Обединети нации од 2015, домородците сочинуваат 12,6% од популацијата на Мексико, а 80,6% од нив се сметаат за многу сиромашни.