Канада, Данска и Гренланд се чекор поблиску до решавање на неколкудецениски територијален спор долж нивните граници со Арктикот.
Станува збор за карпа од 1,2 квадратни километри во близина на островот Елесмир, наречена Ханс и Данците велат дека островчето е нивно, додека Канаѓаните се убедени дека им припаѓа на нив.
Во 70-ите години од минатиот век, Данска и Канада се договориле да не се договорат, така што ја запреле поморската граница на линијата на водата на јужниот брег, го прескокнале островот и повторно ја почнале линијата на северниот брег.
Оттогаш, воените бродови на двете држави го посетуваат островот колку да го сменат знамето и на „непријателот“ да му остават шише канадско виски или од данската ракија.
Двете држави неодамна решиле посериозно да му пристапат на проблемот и да го заменат оставањето алкохол со официјален договор. За таа цел, беше формиран заеднички тим од адвокати и експерти од разни министерства и организации.
„Ова треба да ја постави линијата на вистинско место. Канада и Данска се држави кои решаваат проблеми со користење на закони и со придржување до договори“, вели Алан Кесел, кој ќе биде дел од канадската делегација.
Една од опциите е островот да биде во заедничка сопственост на Канада и Данска, но Кесел вели дека можеби ќе поминат уште десет години, пред да се утврдат сите детали од границата.