КАРЛ ГУСТАФ ПРОСЛАВИ 50 ГОДИНИ НА ШВЕДСКИОТ ТРОН, НО ШВЕДСКА ПО НЕГО ДОЛГО ВРЕМЕ БИ МОЖЕЛА ДА ИМА КРАЛИЦА

    КАРЛ ГУСТАФ ПРОСЛАВИ 50 ГОДИНИ НА ШВЕДСКИОТ ТРОН, НО ШВЕДСКА ПО НЕГО ДОЛГО ВРЕМЕ БИ МОЖЕЛА ДА ИМА КРАЛИЦАКарл Густаф е првиот крал во повеќе од илјадагодишната историја на шведската монархија кој достигнал ваков јубилеј (Фото: АП)

    Шведска оваа недела одбележуваше 50 години од доаѓањето на кралот Карл Шеснаесетти Густаф на престолот, а четиридневната прослава кулминираше со вчерашната воена парада низ Стокхолм. Седумдесет и седумгодишниот Карл Густаф е првиот крал во повеќе од илјадагодишната историја на шведската монархија кој достигнал ваков јубилеј.

    По смртта на Елизабета Втора минатата година, Карл Густаф стана монарх со втор најдолг стаж во Европа, по неговата роднина, данската кралица Маргрет Втора, која лани го прослави 50-годишниот јубилеј.

    Како и во соседните скандинавски држави, и шведскиот крал има само церемонијална улога на шеф на држава без политичка моќ. Многумина Швеѓани го сметаат кралот за симбол на нацијата и за обединувачка личност во времиња на кризи.

    Карл Густаф имаше 27 години кога заседна на престолот на 15 септември 1973, по смртта на неговиот дедо, кралот Густав Шести Адолф. Тој беше прв во редот за наследство на тронот бидејќи неговиот татко загина во авионска несреќа кога бил доенче.

    Кралското семејство останува популарно во Шведска, и покрај повремени скандали кои излегуваат во таблоидите. Анкетите покажуваат дека мнозинството Швеѓани не сака укинување на монархијата.

    Кралот и неговата сопруга имаат три деца, а престолот ќе го наследи најстарото од нив, принцезата Викторија. Карл Густаф би можел да биде последен шведски крал долго време, бидејќи првороденото дете на Викторија исто така е ќерка, сега 11-годишната Естел.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира