Премиерката на Нов Зеланд, Џесинда Ардерн, објави дека е трудна, добивајќи голема поддршка од активисти и од групи за женски права откако кажа дека „ќе биде и премиер и мајка“.
Таа вели дека планира да работи сѐ до крајот на бременоста, а потоа ќе земе шестнеделен одмор, кога со владата ќе раководи заменикот премиер Винстон Питерс.
Зборувајќи пред својот дом во Окленд, Ардерн изјави дека нејзиниот партнер Кларк Гејфорд ќе преземе грижа за „изненадувачкиот“ додаток и дека семејството ќе патува заедно кога тоа ќе биде неопходно.
„Јас не сум прва жена која работи и има бебе. Знам дека тоа се посебни околности, но голем број жени добро го правеле тоа пред мене“, кажа 37-годишната Ардерн, за која ова е прво дете.
Таа е еден од ретките примери на бремена државничка во историјата. Беназир Буто се породи во 1990 година во моментите кога беше пакистанска премиерка.
Ардерн планира да ги извршува своите редовни обврски до јуни и во април ќе присуствува на средбата на лидерите на државите од Комонвелтот. Таа дознала дека е трудна на 13 октомври, само шест дена пред да стане премиерка.