„ЌЕ СЕ ДРЖУ СВЕ ДОК МАШЊУ МОЖ ДА ВРЖУ“, НИНО ВЕЛИЧКОВСКИ ПРОСЛАВИ 40 ГОДИНИ КАРИЕРА СО КОНЦЕРТ ВО КУМАНОВО

    „ЌЕ СЕ ДРЖУ СВЕ ДОК МАШЊУ МОЖ ДА ВРЖУ“, НИНО ВЕЛИЧКОВСКИ ПРОСЛАВИ 40 ГОДИНИ КАРИЕРА СО КОНЦЕРТ ВО КУМАНОВО„Још сам туј, још сам туј сас вас“, кажа Нино Величковски на концертот (Фото: СДК.МК)

    Кумановскиот пејач Нино Величковски (69) во понеделникот во преполната сала на Центарот за култура во Куманово го прослави 40-годишниот јубилеј на музичката сцена. Публиката од сите генерации од земјава и соседството, најголем дел негови пријатели и поддржувачи, три часа уживаше во одличниот концерт насловен „40 години со Нино и песни, љубов и вино“, кој беше преполн со емоции и хумор. Нино, како ликот Митке во драмата „Коштана“, почна со рецитал на кумановски за неговиот живот, развојот на кариерата, неговите соработници, неговиот град, за кумановскиот мерак и мајтапот на Батко Ѓорѓија, кој е познат надалеку.

    „Још сам туј, још сам туј сас вас. А бабино девојче, бабино девојче га е вино комај преточило, ама ја бостан сас све не сам га још обраја, још ќе поју и ќе се држу све док машњу мож да вржу“, кажа Нино и предизвика овации кај публиката.

    Концертот продолжи со неговиот прв голем хит „Кажи ми Лено душо”, а потоа се редеа „Тамбурите на Јошиќ“, „Бабино девојче“, „Уште еднаш”, „Свирете ми тамбури“, додека оние кои не ги отпеа беа пуштани како инсерти на видеобим, како потсетување за неговото богато музичко творештво и учество на фестивалите во земјава и странство.

    Програмата ја водеше актерот Горан Илиќ, кој низ анегдоти и досетки од нивното дружење и секојдневие го претставуваше најпознатиот кумановски баритон и боем. Атмосферата дополнително ја подигнаа неговите колеги и пријатели Виолета Томовска, Маргица Антевска, Наум Петрески, Перо Христов, Александар и Дац и групите „Боеми“ од Битола, „Наши тамбураши“ од Куманово, „Табиет“ од Свети Николе и, секако октетот „Куманово’, со кој Нино ја започна музичката кариера. Тие со Нино пееја негови и нивни хитови. Концертот го завршија со „За многу години Македонци“ заедно со публиката, која од нозе го поздрави и му оддаде признание на славеникот за неговата работа.

    „Како кумановец горд сум и воодушевен од вечерашнава енергија. Уште имам позитивна трема. Иако имам голем музички багаж зад себе, знам колку е тешко да се докажеш пред публиката во својот град. Овој концерт беше голем предизвик за мене од многу причини. Сега имам уште едно признание за мојата работа. Јас ја почнав кариерата на 29 години, но имав време да се докажам и покажам. Кога човек ја сака песната, никогаш не е доцна и сѐ се постигнува со упорност. Со песната ‘Бабино девојче’ на Фолк фест Валандово во 1988 година широко ми се отворија портите на македонската естрада, а потоа песна по песна се редеа хитовите и стигнавме дотука. Продолжуваме понатаму, следен предизвик ми е да направам ваков концерт за скопската публика, со звуците на тамбурата и со елементи на театар, можеби во Македонската филхармонија“, изјави Нино по концертот.

    Како основач на тамбурашкото движење во регионот, Нино доби награди и признанија од Европската и Балканската асоцијација на тамбураши, а му ги врачија колеги од Нови Сад и Бања Лука. За промоција на својот град доби статуетка од градоначалникот на Куманово. На Нино сите му посакаа многу здравје и плодна работа, а тој ја најави новата дружба за половина век музичка кариера. Во меѓувреме ќе работи на нов проект за преработка на стари македонски песни.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира