ЌЕБАПЧИЛНИЦАТА „ШАРИ“ ВО ТЕТОВО СЕКОЈ ДЕН ДАВА БЕСПЛАТЕН ОБРОК ЗА НЕМАШНИТЕ И НЕМОЌНИТЕ

ЌЕБАПЧИЛНИЦАТА „ШАРИ“ ВО ТЕТОВО СЕКОЈ ДЕН ДАВА БЕСПЛАТЕН ОБРОК ЗА НЕМАШНИТЕ И НЕМОЌНИТЕОд пред 4 месеци, сопственикот на „Шари“ Хусамет Муртезани, кого сите го знаат како Самет, на влезот од вратата ја постави таблата со пораката за да ги нахрани сите социјално загрозени лица кои немаат доволно примања за да си дозволат еден дневен оброк. (Фото: СДК.МК)

„Овде можете да земете бесплатен оброк од 9:00 до 13.00 часот“, пишува на албански и на македонски јазик на мала црвена табла пред влезот на ќебапчилницата „Шари“ на Илинденска, една од најпрометните тетовски улици во близина на мостот на реката Пена. Сосем мал угостителски објект во кој едвај собира седум-осум маси, но објект кој има газда со огромно срце. Од пред 4 месеци, сопственикот на „Шари“ Хусамет Муртезани, кого сите го знаат како Самет, на влезот од вратата ја постави таблата со намера да ги нахрани сите социјално загрозени лица кои немаат доволно примања за да си дозволат еден дневен оброк.

„Идејата да им давам бесплатен оброк на сиромашните започнав да ја реализирам од пред 4 месеци но без никаква намера јас да се рекламирам, ниту пак за да остварам некој поголем промет. Ние во муслиманската вера ова го нарекуваме садака, што значи да направиш нешто или да помогнеш некому и тоа да го направиш од срце, за своја душа. Јас сум радосен кога давам и ова мене целосно ме исполнува. Да помогнеш некого кој навистина нема што да јаде денеска, да добие чинија гравче или порција ќебапи, еден пијалок и задоволен и најаден да излезе од тука, е тоа е моето задоволство, тоа е мојата садака“, вели Самет.

Самет вели дека не брои колку вакви оброци дели дневно, тоа за него воопшто не е важно, тоа што нему му е битно е храната да ја добиваат навистина сиромашните и немоќните луѓе. За него сите сиромашни се добродојдени и воопшто не е важно дали се Албанци или Македонци.

„Овие сиромашни луѓе се многу горди луѓе и на многумина навистина им е многу тешко да дојдат овде и да побараат бесплатен оброк. И јас чувствувам колку им е тешко кога прв пат ќе дојдат и колкав напор им е потребен за да прозборат и да кажат дека им треба еден оброк. Јас секогаш гледам да не го доведам во незгодна ситуација и воопшто не правам разлика помеѓу нив и редовните гости. Тие доаѓаат во ќебапчилницата, ги послужуваме како и секој муштерија и никој не мора да знае, па ни присутните гости, дека добиле бесплатен оброк. Сепак и кога го земаат оброкот гледам дека во душата им е многу тешко. Не сакам да ме разберете погрешно, овие оброци се за навистина сиромашните луѓе, но не и за просјаците бидејќи јас сум голем противник на просењето“, вели Самет.

Самет од мал е влезен во бизнисот, првин му помагал на татко му во нивната семкарница, а потоа се осамостоил и започнал сопствен бизнис.

„Јас 22 години работам во Тирана каде имам свој бизнис, а оваа ќебапчилница ја отворив пред 5 години па сега може да се каже дека живеам на релација помеѓу Тирана и Тетово. Осум години живеев во Штип, каде татко ми 35 години ја држеше познатата семкарница ‘Златно зрно’ кај гимназијата ‘Ванчо Прке’. Во Штип имавме уште два други дуќани и за градот ме врзуваат многу убави спомени и имам бројни пријатели, но во 1995 година го напуштивме Штип и отворивме бизнис во Албанија, во Тирана. Оваа ќебапчилница е мала по простор и се надевам дека можеби наскоро ќе треба и да се проширам. Со дарувањето храна ќе продолжам и понатаму и засега немам намера да престанам да им помагам на сиромашните луѓе“, вели Самет.

Додека разговаравме со Самет пред влезот на неговата ќебапчилница, десетина минувачи и Албанци и Македонци го поздравуваат и застануваат на краток муабет и речиси сите ја фалат неговата благородна идеја да им помага на сиромашните. Вели, не е важно од која националност или вера се луѓето, најважен му е односот и меѓусебната почит.

З. АНДОНОВ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира