КИРИЛ И МЕТОДИЈ СЕ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА СЛОВАЧКИОТ УСТАВ, А БУГАРСКОТО СОБРАНИЕ НА 9 ДЕКЕМВРИ СИ ГИ ПРИСВОИ

    КИРИЛ И МЕТОДИЈ СЕ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА СЛОВАЧКИОТ УСТАВ, А БУГАРСКОТО СОБРАНИЕ НА 9 ДЕКЕМВРИ СИ ГИ ПРИСВОИОд расправата за името на празникот на браќата Кирил и Методиј во бугарскиот парламент. (Фото: БНТ/Јутјуб)

    Во преамбулата на словачкиот устав се именувани браќата Кирил и Методиј, кои Бугарија на 9 декември си ги присвои и официјално како бугарски со гласање во бугарското собрание. Дополнително, со гласањето за името на празникот 24 Мај, Бугарија ги присвои азбуките глаголица и кирилица како бугарски азбуки.

    Ваквата бугарска политика доведе и до вметнување на фразата „погрешно толкување на историјата“ во завршниот текст на заклучоците на ЕУ за проширувањето, кои што се однесуваат и на Македонија, но со ваквиот текст не се согласија Чешка и Словачка. Двете земји денеска дадоа и заедничка изјава, во која велат дека „нема да дозволат ЕУ да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“.

    Практично, со бугарското вето за преговарачката рамка со Македонија и со одбивањето на Чешка и Словачка да ја потпишат изјавата за проширувањето на ЕУ, процесот за ширење на ЕУ кон западниот Балкан е сопрено.

    Делото на Кирил и Методиј особено се цени во овие две земји, а Словачка ги споменува и во Преамбулата на својот устав како оставштина од претците.

    „…Имајќи го на ум политичкото и културното наследство на нашите предци и искуството собрано низ вековите на борба за нашите национална егзистенција и државотворност, со обѕир спрема духовната оставштина на Кирил и Методиј и историското наследство на Велика Моравија, признавајќи го природното право на народите за самоопределување…“, стои во Преамбулата на словачкиот Устав.

    Во Бугарија, среде обидите на германското претседателство да се најде компромис меѓу Бугарија и Македонија за наметнатиот од бугарска страна историски спор, беше направена промена на името на празникот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

    На 9 декември, еден ден по бугарското вето за Македонија во Брисел, бугарскиот парламент го промени името на празникот на св. Кирил и Методиј – 24 Мај, на предлог на ВМРО на Красимир Каракачанов, со поддршка од ГЕРБ на Бојко Борисов. Првично идејата им беше 24 Мај да биде „Ден на бугарската писменост, просвета и култура“, но по жестока расправа, на крајот бугарските пратеници го усвоија називот „Ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската книжевност“.

    Преамбулата на словачкиот устав, каде што се споменуваат Кирил и Методиј.

    За време на расправата за името на празникот, пратеникот на владејачката ГЕРБ Тома Биков кажа дека „бугарскиот придонес за кирилицата со години е системски и грубо напаѓан од Русија и Македонија.

    На тоа, опозицискиот пратеник до БСП Таско Ерменков му одговори:

    „Тоа што во моментов го правите, како воведувањето на празник на бугарската азбука, ќе доведе до појавување на празници на руската азбука на македонската, на српската и на други азбуки. Не гледам како придонесувате за величање на Бугарија. Напротив, широко ја отворате вратата за дополнителни спорови“

    Пратеникот Милен Михов, кој му е заменик на Красимир Каракачанов, кажа дека позицијата на БСП се совпаѓа со изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој ги поздрави своите македонски гости, кажувајќи им дека словенската писменост дошла во Русија од македонските земји.

    Празникот во Македонија се слави како 24 мај – „Св. Кирил и Методиј“, Ден на сесловенските просветители. На 24 мај, во 862 година, тие ја почнале мисијата во Велика Моравија, денешни Чешка и Словачка, на покана на тамошниот принц Растислав, кој од византинскиот император и од римскиот папа побарал да му испратат мисионери да го шират христијанството меѓу неговите словенски поданици.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира