„Како летаат авионите“ на пилотот и хроничар на нашето воздухопловство Ѓорѓи Чачкиров е првата македонска книга со едукативно популарни содржини од областа на цивилното воздухопловство.
„Оваа книга претставува единствено дело од ваков вид во нашава земја. Би ја сместиле во групата на едукативно-популарна литература, преку која сообраќајната авијација се доближува до пошироката популација, а посебно за оние кои патуваат со авион. Иако, на изглед, има стручен наслов, во неа на едноставен и популарен начин се објаснети повеќе теми и субјекти кои учествуваат во реализација на транспортните комерцијални летови. Во неа е посветено внимание на тоа каде и како летаат авионите, кој и како ги управува, нивна конструкција и изградба, ракувањесо инструментите и опремата, нивно одржување, страв од летање, но и однесување на патниците во и вон авион”, кажа Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“и промотор на оваа книга.
Рецензентот на книгата Емил Георгиев укажа на важноста на една ваква книга за патниците кои летаат со авиони.
„Можеби, многумина од обичните патници не знаат дека поради недоличното однесување можат да бидат прогласени за непожелни патници во авиосообраќајот, а тоа ќе го прочитаат овде и ќе го запаметат. Ќе запаметите и тоа дека домаќините и домаќинките, популарните стјуардеси во авионот имаат првенствена задача да се грижат за нашата безбедност и да бидат подготвени да реагираат во несакани случаи, а не да бидат сервис за услуга бидејќи авионскиот простор не е ресторан. Во таа насока, ни тоалетот не е простор за долготрајни естетски и други дотерувања, тоа се тоалети за краткотрајна употреба на сите патници”, рече Георгиев.
Книгата е издание на „Елита“ од Скопје, а беше промовирана во Комората на инженерите на Македонија.
Д. ЧУБРИЌ